Довчерашниот прв светски тениски рекет Србионот, Новак Ѓоковиќ, повеќе не е број еден на АТП листата, бидејќи падна на третото место. Ова е епилогот од неодбранетите бодови на „Ролан Гарос“ каде Србионот триумфираше минатата година, а оваа не успеа да го одбрани трофејот. Ѓоковиќ сега има 6. 770 поени.
Повторно број еден со 7. 950 поени е Данил Медведев, кој во март накратко го презеде тронот од Ѓоковиќ, но брзо му го препушти. Медведев сега има 1.180 поени повеќе од српскиот тенисер. Веднаш зад него е Александа Зверев со 7. 075 поени, а двајцата имаат добри шанси да останат на тие позиции и во следниот период.
АТП листата сега изгледа вака: Данил Медведев 7.950 поени, Александар Зверев 7.075, Новак Ѓоковиќ 6.770, Рафаел Надал 6.525, Каспер Руд 5.050, Стефанос Циципас 4.945, Карлос Алкараз 4.893, Андреј Рубљов 4.125, Феликс Oжер-Алиасим 3.895, Матео Беретини 3.570…
Доколку остане на сила одлуката на АТП за замрзнување на бодовите од овогодинешниот Вимблдон, како што пишуваат српските медиуми, на Ѓоковиќ „црно му се пишува“. Организаторите на Вимблдон решија да го забранат учеството на натпреварувачите од Русија и Белорусија поради ситуацијата во Украина, која наиде на жесток отпор кај тенисерите кои се побунија, па АТП одлучи овогодинешниот турнир да не се бодува. Поради тоа ќе се одземат само бодовите од лани, а најмногу ќе настрада Ѓоковиќ.
Бидејќи реши да не настапува никаде до Вимблдон, го чека сериозен пад. Со губењето на бодовите на Вимблдон, Ѓоковиќ би паднал на седмото место, а пред него ќе се најдат Рафаел Надал, Каспер Руд, Стефанос Циципас и Карлос Алкараз.
Медведев би останал број еден со околу 600 бодови повеќе од Зверев, но останува да се види дали некој од нив ќе игра турнир пред третиот грен слем сезонава.
АТП листата по одземањето на поените од Вимблдон ќе изгледала вака: Данил Медведев 7.430 поени, Александар Зверев 6.850, Рафаел Надал 6.165, Каспер Руд 5.050, Стефанос Циципас 4.945, Карлос Алкараз 4.845, Новак Ѓоковиќ 4.770, Андреј Рубљов 3.700, Феликс Ожгер-Алијасим 3.400, Јаник Синер 3.185.