ТАВ Македонија го одбележа отворањето на две нови дестинации на Виз ер од Меѓународниот Аеродром Скопје – Турку и Ларнака и поставувањето на 5-тиот авион на Виз ер во базата во Скопје.
Со традиционална воздухопловна свеченост – воден мост во форма на виножито за првиот авион и колачиња за патниците, Меѓународниот Аеродром Скопје, попладнево го пречека првиот лет на новата директна авиолинија на Виз ер од Турку, град на југозападниот брег на Финска. Со време на поаѓање од Меѓународниот Аеродром Скопје во 06:00 часот, а време на пристигнување од Аеродромот Турку во 12 часот и 55 минути, оваа директна авиолинија ќе сообраќа во текот на целата година, два пати во неделата, односно, секоја среда и недела.
Втората нова дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје, што исто така почнува да сообраќа од денеска, е Ларнака, град на јужниот брег на Кипар и главен град на истоимената област. Првиот лет од Скопје до Ларнака полета денес во 13:50 часот. Оваа редовна авиолинија на Визер ќе сообраќа секоја среда и недела, со време на поаѓање од Меѓународниот Аеродром Скопје во 13:50 часот, а време на пристигнување од Аеродромот Ларнака – 19:05 часот.
Од ТАВ Македонија истакнаа дека се среќни и горди што овие нови авиолинии се додаваат на долгата листа на градови кои се поврзани со директни летови од скопскиот аеродром, како и новите дестинации од охридскиот аеродром – Дортмунд, која почна во јули, и Меминген, авиолинија што ќе почне од 2 август.
Покрај новововедените дестинации, Турку и Ларнака од Меѓународниот Аеродром Скопје, како и Дортмунд и Меминген од Аеродромот „Св. Апостол Павле“ – Охрид, Виз ер го додава 5-тиот Ербас А320 авион во базата во Скопје.
Само оваа година, Виз ер почна да лета до 4 нови дестинации од Скопје до: Баден-Баден, Бремен, Ларнака и Турку, и до 4 нови дестинации од Охрид до: Малме, Милано, отворени во март 2019 година, Дортмунд – од почетокот на јули, и Меминген, која почнува од 2-ри август. Меѓународниот Аеродром Скопје моментално опслужува 44 дестинации, на кои сообраќаат 13 авиокомпании, додека на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид се опслужуваат 22 дестинации, од кои 10 се редовни авиолинии што сообраќаат преку целата година, на 13 авиокомпании.
Детални информации за летниот распоред на летање за 2019 година на скопскиот аеродром се достапни на интернет страницата на скопскиот аеродром, на следниов линк: https://urlzs.com/htrn4, додека детални информации за летниот распоред на летање за 2019 година на охридскиот аеродром се достапни на интернет страницата на охридскиот аеродром, на следниов линк: https://bit.ly/2G3e9s1
Во текот на првата половина од оваа година, преку 1,2 милиона (1.163.667) патници патувале преку Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Ова претставува 12% пораст споредено со истиот период во 2018 година. Вкупната бројка на летови на двата македонски аеродрома, за првите шест месеци е 9.792 со 8% годишен пораст.