Северна Македонија е одлична локација за германските инвеститори што се покажа во изминатите 10 години. Германските компании кои работат во земјата се задоволни од условите, тие вработуваат повеќе од 20.000 лица, а веќе повеќето од нив официјално соопштија дека сакаат да ги големат своите инвестиции, како на пример ОДВ Електрик, Костал, Кеслер, порача Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија на тркалезна маса во Берлин каде учествуваше заедно со министерот за странски инвестиции, Бардул Даути.
На тркалезната маса присуствуваа и претставници од шест германски компании, од кои дел веќе инвестирале во земјава и сакаа да се информираат за понатамошните можности за инвестирање, а дел сакаа да се запознаат со можностите кои ги нуди Северна Македонија за новите инвеститори.
Како што информираат од Германската стопанска комора во Северна Македонија, Мартенс заедно со министерот Даути во Берлин се сретнал со Волкер Трајер, директор на Германската комора за индустрија и трговија (ДИХК) во Берлин, Хелге Толксдорф, шеф на одделението за проширување на ЕУ, Југоисточна Европа и Турција, Макси Хулсен, раководител на Одделението за Источна и Југоисточна Европа, Централна Азија во Германската комора за индустрија и трговија и Ања Квиринг, регионален директор на Источниот комитет- здружение на источна Европа на германското стопанство, во Берлин.