Десковска: Се надевам дека ОЈО побрзо и поефикасно ќе ја води истрагата за „Рекет“

Работните групи на власта и на опозицијата денеска не постигнаа напредок во однос на законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши идниот статус на СЈО. Министерката за правда Рената Дексока по средбата изјави дека отвориле точки за кои има крупни разлики со ВМРО-ДПМНЕ и оти не можеле да постигнат напредок.

На новинарско прашање за случувањата во СЈО и за обвинителката во оставка Катица Јанева и дали тоа, како и случајот „Рекет” ќе влијае на целиот процес и на разговорите, Дескоска рече дека сегашната ситуација е апсолутно неповолна.

– И никој не ја посакуваше, ниту пак ја очекувавме. Сите сме шокирани од она што го гледаме. Јас се надевам дека Обвинителството за организиран криминал побрзо и поефикасно ќе ја води истрагата со цел да не останат сомневањата и дамката и доколку има потреба од судски постапки, да почнат, рече Дескоска.

Единствено, како што додаде, во судска постапка треба да се види кој е виновен и тој што е виновен да си ја понесе својата одговорност.

Прашана за тоа што мисли за претставниците од власта кои се блиски со осомничените за случајот „Рекет”, Дескоска рече дека блискоста не е основ за кривично дело.

-Ако има инволвираност во кривични дела, тогаш правдата треба да биде безмилосна за сите. Сите треба да одговараат без разлика дали се луѓе од власта, дали се од опозицијата, од обвинителство. Во тој дел се залагам за неселективност во гонењето на сите, нагласи Дескоска.

Треба да знаете
Последни објави