Килиан Мбапе одлучи да му каже „НЕ“ на Реал Мадрид и да го продолжи договорот со ПСЖ до 2025 година.
Се шпекулираше дека францускиот напаѓач е блиску до заминување од Лига 1. Меѓутоа во последен момент тој се премисли и ја прифати новата богата понуда на „принцевите“. Голем притисок беше направен врз младиот голгетер и еден од најдобрите фудбалери на денешницата. Улога во целата операција имал и претседателот на Франција, Емануел Макрон.
„Да, имав разговор со Килиан Мбапе само за да го советувам да остане во Франција. Да се каже на неформален и пријателски начин, улогата на претседателот е да ја брани својата земја. Но, можам да кажам дека не учествувам во трансферите. Јас сум како и секој друг граѓанин, кога е во прашање спортот. Сакам во мојата земја да играат најдобрите“ , откри Макрон.
Мбапе добил огромен бонус за самиот потпис на договорот, а воедно и клучна улога во одлуките на управата во иднина околу тренерската позиција и новите засилувања.