САД предупреди дека „едностраната” офанзива на Турција за ликвидирање на курдската милиција во Сирија би била „неприфатлива” и најави интензивирање на разговорите за да се спречат такви активности.
– Целосно веруваме дека секоја еднострана акција би била неприфатлива, изјави секретарот за одбрана Марк Еспер пред новинарите за време на на патувањето во Азија.
– Она што ние ќе го направиме е да спречиме еднострани инвазии кои повторно би нанеле удар на заедничките интереси на САД, Турција и Северна Сирија, рече Еспер.
Турција вчера ги повика САД да ја запрат поддршката за курдската милиција во северна Сирија.
– САД мора да го исполнат нашето барање и да ја запрат соработката со курдските Сили за заштита на народот, рече турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу пред новинарите во Анкара.
Неговата изјава уследи по состанокот на американските претставници за одбрана со нивните колеги во Анкра во обид да се создаде „безбедносна зона” во северна Сирија која ќе ги оддалечи курдските борци од турската граница.
Вашингтон ги поддржува курдските милиции, кои се главен сојузник на САД во борбата против терористите од т.н. Исламска држава во Сирија. Сепак, Анкара ги смета курдските борци за терористи и ги изедначува со ПКК, која води вооружена борба против Турција во последните 35 години.
– Не можеме вечно да бидеме трпеливи. Во еден момент, нашето трпение ќе заврши, изјави во неделата турскиот претседател Реџеп Ердоган. Тој ја повтори својата закана, изречена пред 18 месеци, за започнување вооружена офанзива источно од реката Еуфрат против курдските народни одбранбени сили. Тој истакна дека за акцијата се веќе информирани САД и Русија.
– Влеговме во Африн, Јараблус и Ал Баб. Сега ќе влеземе источно од Еуфрат. Тоа им го најавивме на Русија и САД, нагласи Ердоган.
Откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата година најави дека американските сили ќе се повлечат од северниот дел на Сирија, САД и Турција склучија договор за создавање безбедносни зони во Сурија долж североисточната граница на таа земја со Турција, и според тој договор е предвидено во таа област повеќе да нема припадници на Силите за заштита на народот