Детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски си поднел оставка од Клиничката болница „Жан Митрев“ во која годинава се префрли за да прави операции на деца кои ги покриваше Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ). Причина се подолготрајните несогласувања со менаџментот на болницата и непрофесионализмот при извршување на обврските.
Отказот е во ист ден кога доктор Жан Митрев објави информација дека за првпат во Македонија успешно се извела една од најтешките и кајкомплексните операции на срце кај деца. Имено на новородено дете од 2,9 килограми му била извршена таканаречена тотална транспозиција на главни крвни садови што е една од најкомплексните аномалии на срцето. Операцијата ја извршил Митрев кој според нашите извори нема лиценца од Лекарската комора да врши вакви операции. Интервенцијата била направена без ниту еден странец или советник на ниедна позиција.
На неа не присуствувал ниту Чадиковски, кој пак е единствен детски кардиохирург кој има лиценца за оперирање. Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека „Детската кардиохирургија останува во приватната болница, кој не е задоволен може да си оди, ќе дојдат други луѓе. Луѓето таму преминаа по сопствена волја“.