Почина Вангел Жабев носител на медал од Параолимписките игри 1980 година

Вангел Жабев, спортистот и прв носител на Параолимписки медал од Параолимписките игри 1980 година во Арнхем Холандија во пливање, почина денеска во 83-тата година од животот.

Жабев е роден 1939 година. Настрадал 1947 година во Градско од заостанат експлозивен материјал од војната, каде ги губи двете раце и се здобива со други телесни повреди.

Учествува на бројни натпревари на ниво на Македонија и потоа на ниво на тогашна Југославија, каде забележува највисоки резултати. Благодарение на високите резултати, особено во пливањето, учествува на повеќе меѓународни натпревари од кои позначајни се: Отвореното првенство во пливање во Полска (1977), каде освои 4 златни медали (краул 50м, грбно 50м., градно 50м., мешовито 3х50м.); како и на неколку меѓународни натпревари кои се одржале во тогашна Југославија, на кои исто така се закитува со највисоките одличја. Со поддршка на својата фамилија и блиските пријатели го постигнува неговиот врв во кариерата, односно учеството на Параолимпијадата во Арнхем, Холандија (1980), на која освојува две бронзени медали во дисциплините краул 50м. и мешовито 3х50м.

– До крајот на својот живот беше спортски активист како претседател на Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди – Велес и претседател на Здружението на цивилни инвалиди Велес, како и носител на најголемото државно признание „НАЦИОНАЛНО СПОРТСКО ПРИЗНАНИЕ” највисока спортска титула на еден спортист, кој постигнал спортски резулати и тоа: за освоен златен, сребрен и бронзен медал, односно за освоено прво, второ и трето место на Олимписките игри, Параолимписките игри, информираат од Параолимпискиот комитет на Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави