Шпанскиот гигант и рекордер со освоени европски шампионски круни Реал Мадрид ќе стаса до својот 14-ти пехар или англискиот премиерлигаш Ливерпул ќе го крене „пехарот со големите уши“ по седми пат и ќе се израмни со Милан на делба на втората позиција како најтрофејни во елитното клупско европско натпреварување. Одговорот на ова прашање ќе го дадат реал мадрид и Ливерпул по вечерашната пресметка (21 ч.) на „Стад Д’Франс“.
Синоним за најпрестижното фудбалско натпреварување е Реал Мадрид, со своите 13 европски „круни“. „Кралевите“ не играат финале, туку скоро секојпат го освојуваат. Од 1981 година или после цели 41 година сѐ уште не загубиле ниту еднаш во финалниот меч, а оттогаш имаат освоено седум титули.
Ливерпул има долг за наплата против Реал, од киевско финале во 2018 година. Реал Мадрид загуби финале во елитното друштво во 1981 година баш во Париз и тоа против Ливерпул (0-1).
-Одмаздата не смее да ни е главен мотив. Не смее да одиме со мисли, одмазда, наплата на долг или нешто слично. Ние дојдовме до финале на еден поинаков начин, сакаме да го освоиме пехарот, а некако сѐ ни е поврзано во последниве години со Мадрид. Од Реал загубивме во Киев во 2018, една година потоа ја освоивме ЛШ во Мадрид, сега пак играме со Реал Мадрид“, вели Јирген Клоп, тренерот на „црвените“.
Нова битка на теренот ќе има на секој дел. Нијанси ќе решаваат кој ќе биде поуспешен, иако фудбалските аналитичари му даваатг предност на Ливерпул, и покрај фактот дека ако некој знае како се победува тоа е Реал. На своја кожа сезонава во елитното натшпреаврување го осетија ПСЖ, Челзи, Манчестер сити… „Кралевите“ беа пред елиминација, но не пропаднаа. Режираа епска сезона со пресврти кои ќе се прераскажуваат во иднина.
За тренерот на Реал Мадрид, трофејниот италијански фудбалски стратег Карло Анчелоти ова ќе биде петто финале во ЛШ. Италијанецот веќе испиша историја како тренер.
-Имам убави сеќавања од сите финалиња кои сум ги играл, ама интересно тоа финале во 2005 година (истанбулското чудо – н.з.) беше најдобриот меч на еден мој тим во едно финале, а го загубивме. На највисоко ниво сме, ќе дадеме сѐ од себе, а на крај ќе видиме дали тоа е доволно за победа. Во фудбалот понекогаш се случуваат работи кои се вон ваша контрола и не може ни да ги предвидите, едноставно се случуваат. Ние сме заслужено во финале по сѐ што покажавме сезонава, но за трофеј не е доволен само талент и квалитет, потребно е комплетниот тим да е во мечот од прва до последна секунда и максимално да функционира, вели Анчелоти.