Одбојкарската репрезентација на Македонија денеска од 13 часот во Галати против Романија го игра вториот натпревар во Европската сребрена лига. Одбојкарите новото издание во европското репрезентативно натпреварување го започнаа со триумф од 3:0 во сетови против Босна и Херцеговина.
Убедливата победа го зголеми оптимизмот кај одбојкарите, а капитенот Никола Ѓоргиев очекува помладите репрезентативци полека да земаат поголем дел од одговорноста.
– Им честитам и на помладите, не е лесно. Ние постарите ја водиме оваа селекција, нонстоп се бориме. Сакам да бидеме константни на фајнал-фор турнирите, на Европските првенства, благодарам на тоа што сите одиграа феноменално против БиХ. Европската сребрена лига ја започнавме со победа, но имаме уште натпревари, следниот е против Романија. Тие се добра репрезентација, но не се непобедливи. Познаваме дел од играчите, очекувам да го дадеме максимимот и одиме на победа – вели Ѓоргиев.
И селекцијата на Романија со победа го започна настапот во Европската сребрена лига, славејќи со 3:1 против Албанија на гости.
Македонија и Романија досега одиграле два официјални натпревари, пред шест години во квалификациите за Европско првенство. И двете репрезентации имаат по една победа, Македонија славеше со 3:1 на домашен терен, додека Романија победи со 3:0.