На територијата на општина Ѓорче Петров се реконструира улицата Ѓорче Петров на потегот од општинската зграда до бензинска пумпа на Макпетрол, во должина од околу 1.500 метри. Вчера започна и реконструкцијата на улицата Борис Сарафов, на потег од крстосницата со улицата Македонска Војска до крстосницата со улицата Кузман Шапкарев, со вкупна должина од околу 1.700 метри.
На територијата на општина Центар, во тек е реконструкцијата на булеварот Кочо Рацин, на потегот од булеварот Кузман Јосифовски Питу до улицата Свети Кирил и Методиј во должина од 880 метри, а се работи и на реконструкција на дилатациите на мостот Гоце Делчев.
Во општина Чаир се реконструира улицата Лазар Трповски, на потегот од кружниот тек со улицата Втора македонска бригада до крстосницата со улицата Петар Ичко, додека во Шуто Оризари се реконструира улицата Индира Ганди, во должина од 1.100 метри, на потегот од раскрсницата со улицата Босна и Херцеговина и булеварот Словенија до улицата Бутелски венец.
На територијата на општина Аеродром во тек се активностите за реконструкција на улицата Февруарски Поход, на потег во должина од 720 метри.
Покрај на овие локации, Градот работи и на уште неколку локации каде што се изведуваат поголеми градежни зафати што траат поголем временски период, а тука влегуваат: втората фаза од проектот на изградбата на булеварот Христијан Тодоровски Карпош и негово поврзување со заобиколницата, изградбата на булеварот Босна и Херцеговина, како и првата фаза од проектот за поврзување на Аеродром со Центар преку проширувањето на булеварот АСНОМ.
Во текот на градежната офанзива на Град Скопје во изминатиот период во рекордно кратки рокови беа завршени следниве сообраќајници: булеварот Партизански одреди на потег од крстосницата со булеварот 8.Септември до мостот Обединети нации, во должина од околу два километри, улицата Лазар Личеноски во вкупна должина од 493 метри, на потег од раскрсницата со булеварот Гоце Делчев до сервисната улица за влез на паркингот кај СРЦ Кале, улицата Московска, улицата Димитрија Чуповски, улицата Љубљанска и улицата Антон Димитров.