АХВ: Од антракс се угинати неколку животни во Кичевско, но заболени луѓе нема

Денешната прес-конференција на Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, беше со цел за собирање на ситни политички поени преку злоупотреба на народот и непотребно кревање на паника, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) од каде ја уверуваат јавноста дека заболени луѓе од антракс нема.

 

„Болеста за која денес ВМРО-ДПМНЕ непотребно создава паника не е новост во нашата земја и за неа согласно Годишната наредба за здравствена заштита на животните се врши превентивна вакцинација во дистриктите (места каде се преземаат посебни мерки за сузбивање и искоренување на оваа болест со задолжителна вакцинација на животните во наредните 20 години)“, појаснуваат од Агенцијата.

Од таму информираат за случај во селото Долно Строгомиште, Кичевско, за кој како што велат, навреме се преземени сите потребни мерки за справување со болеста.

„Угинатите животни под надзор на официјален ветеринар се спалени и нештетно отстранети, во фармата е извршено темелно чистење и дезинфекција. Донесена е и забрана за влез и излез на животни од и во одгледувалиштето“, се наведува во соопштението.

Засега болеста е детектирана кај животни од едно одгледувалиште, а соседните одгледувалишта се ставени под надзор на официјален ветеринар.

„Нови случаи на појава на болеста кај добитокот нема. Одржан е итен соостанок на Комисијата за заразни болеsти при Министерството за здравство, спроведено е и епидемиолошко испитување за утврдување на можниот извор на заразата, а се врши и едукација на населението од ова населено место“, истакнуваат од АХВ од каде додаваат дека во Долно Строгомиште наредена е мерка за вакцинација кај добитокот против болеста антракс.

Треба да знаете
Последни објави