Пријателот на Зоран Заев, Боки Тредичи знае кој судија, кога е дежурен, кој нема да се појави и кој ќе дојде на негово место и што е најважно знае какви одлуки ќе бидат донесени од страна на судовите, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
-Ниту Боки, ниту Кичеец можеле да знаат како ќе се одвиваат постапките пред суд, што ќе преземе судот, а што обвинителството, кога и кој ќе биде ослободен, а кој ќе заврши во затвор, ако за тоа директно не добиле информација од врвот на власта, кој ги координирал и менаџирал активностите со правосудните органи. Дали на вакво менаџирање мисли Боки кога вели дека Заев знаел се и дека се заедно во играта? Боки е само извршителот на еден поголем и покомплексен систем, кој е управуван директно од врвот на власта, во кој има директна спрега помеѓу врвот на извршната власт, судовите и обвинителството. Македонија нема ама апсолутно никаква полза од лицемерието на Заев и лажните повици за правда, во реалноста и тој и неговата Катица Јанева ги чистат трагите. Не случајно во овие месец дена и Заев менуваше телефони и протоколи, вадејќи се на скандалот со украинските комедијанти, а Катица губеше и форматираше и телефони и компјутери, рече Јанушев.
Тој истакна дека еден месец ЈО молчи и наместо да ги гони нарачателите во случајот „Рекет“ одмараат, а Катица Јанева, без која, како што се слушна од разговорите објавени во Ла Верита и не би бил можен милионскиот рекет, наместо во притвор се шета по плажи.
-Русковска со недејствувањето и непритворањето на Јанева овозможи со своето неделување можност Јанева да уништува докази и да влијае на сведоци. Русковска мора да сноси одговорност за пропустите и просторот што и го отвори на Јанева, но и за другите замешани да влијаат на сведоци и уништуваат докази. Јанева и СЈО се алатката преку која е вршен рекетот, кој без директна поддршка од власта не би бил можен. Боки 13 и Зоки Кичеец се само обични извршители. Затоа истрагата мора да се прошири до врвот на власта. Не се доволни оградувањата од Јанева и најавите преку медиуми дека ќе биде пуштена низ вода. Одговорност мора да има за сите. Целата спрега помеѓу власта, судот и обвинителството мора да биде разоткриена. Русковска и ЈО не смеат да си поигруваат со правдата. Ниту власта, ниту правосудните органи немаат веќе кредибилитет пред граѓаните. Зоран Заев мора да понесе одговорност. Оставка веднаш и организирање на итни предвремени парламентарни избори, рече Јанушев.