Предметот за поранешниот припадник на Ослободотелната војска на Косово (ОВК), Томор Морина денеска е заведен во Врховниот суд и е доделен на судија и најрано утре се очекува да биде донесена одлука дали ќе биде ослободен или не, информираат за МИА од Кабинетот на претседателот на Врховниот суд.
Од таму прецизираат дека предметот денеска е доделен на судија и ќе има одлучување по него, по што веднаш откако ќе биде донесена одлука ќе биде објавено од страна на Врховниот суд.
Претходно, Основниот кривичен суд го одби барањето за пуштање од притвор на Томор Морина, кој е во притвор околу две седмици, а беше уапсен на граничниот премин „Блаце” на 24 јули од страна на македонската полиција по потерница издадена од Интерпол, на барање на Србија.
Поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, Морина, од страна на Србија е обвинет за воени злостроства врз цивили во текот на војната 1998/1999 година.
Официјален Белград веќе побара екстрадиција во Србија.