Оригиналниот и единствен златен трофеј од ФИФА за Светските првенство денеска беше претставен во Скопје. Првпат во македонската фудбалска историја, нашата земја е дел од петтата турнеја на трофејот организирана од Кока-кола, официјалниот спонзор на настанот.
Оригиналниот трофеј изработен од чисто злато, доделен на победникот на Светското првенство во фудбал на ФИФА (FIFA World Cup), во рамки на официјалната церемонија, пристигна во Скопје како дел од светската турнеја.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека се надева дека овој трофеј во блиска иднина ќе го крене капитенот на Македонската фудбалска репрезентација.
– Мислам дека еден ден, наскоро, во не толку далечната иднина, наместо претседател на државата, овој трофеј ќе го допре и има во раце капитенот на фудбалската репрезентација, да го крене високо и да го имаме како реплика во нашата федерација, јас верувам дека тој ден не е далеку, иако така се чини, рече Пендаровски.
Како што рече, „од следната година нема да чекаме овој трофеј да ни гостува, туку ќе го видиме во витрините на ФФМ како наша сопственост”.
Жилберто Силва, амбасадорот на ФИФА, кој патува заедно со трофејот, на настанот во Пивара истакна дека му е задоволство што е тука, во земја која луѓето го сакаат фудбалот.
– Кога зборуваме за овој трофеј зборуваме за соништа, верба, и инспирација. Македонија беше многу блиску да се квалификува, и кога зборуваме за соништата, вашиот сон е да бидете дел од светското првенство и тоа ви дава мотивација да работите напорно за да го овозможите тоа, посочи тој.
Мухамед Сејдини, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, истакна дека му е особено драго што нашата репрезентација имаше неверојатно фудбалско доживување и беше многу блиску до пласман.
– Моментите на фудбалска еуфорија на нашата држава ќе ги паметиме цел живот, а ова нека биде само поттик да обезбедиме пласман на следниот Мундијал, рече Сејдини.
Трофејот, заедно со амбасадорот Силва, пристигнуваа пред почетокот на Светското првенство во Катар и е оригиналниот трофеј што ќе му биде доделен на годинешниот победник.
Турнејата на оригиналниот трофеј, овозможена од Кока-кола, ќе патува кај 54 фудбалски нации, покривајќи ги сите конфедерации на ФИФА.