Планот на АД „Електрани на Северна Македонија” (ЕСМ) е РЕК „Осломеј” во иднина да работи со поголем интензитет од претходно. Ова денеска го најави генералниот директор и претседател на Управниот одбор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, кој престојуваше во работна посета на РЕК „Осломеј” – Кичево.
– Ќе се работи скромно, со постоечките ресурси и без непотребни трошоци, но ќе се спроведат сите набавки кои се неоходни за работниот и производниот процес за да нема никаков застој, им порача генералниот директор Ковачевски на директорите и раководителите во комбинатот.
При средбата, како што соопшти АД „Електрани на Северна Македонија”, беа утврдени чекори за забрзување на сите постапки што се неопходни за нови ископи на јаглен во рамки на рудникот на РЕК „Осломеј”. Ковачевски упати на поголема соработка меѓу РЕК „Осломеј” и РЕК „Битола” и на заемно искористување на заедничките капацитети на знаење и техничка логистика во рамките на АД ЕСМ.
Ковачевски со раководството на термоелектраната разговарал и за подготвеноста на капацитетот да се вклучи во производството на електрична енергија во претстојната грејна сезона, кога потребата од електрична енергија се зголемува.
– Генералниот директор се сретна и со претседателот на синдикатот на РЕК „Осломеј”, кој на раководството на компанијата му презентираше дел од активности, кои се реализираат преку членарина, но исто така и преку средствата кои АД ЕСМ, согласно законот, годишно и ги префрла на синдикалната организација, за синдикални активности за вработените во компанијата, но и за општествено-одговорни проекти и помагање на локалната заедница, се вели во соопштението од АД ЕСМ