Граѓански организации: Изјавата на Премиерот и неумесното „извинување“ поттикнуваат хомофобија и линч кон ЛГБТ заедницата

Граѓанските организации остро ја осудуваат скандалозната, недолична, хомофобна изјава на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, но и изјавата со која се врши дискредитација на новинари кои критички ја опсервираат работата на власта. Овој вид на јавен говор од носител на највисоката јавна функција, недвосмислено дава легитимитет и го охрабрува говорот и делата од омраза кон сите оние кои се со различна сексуална ориентација и ја загрозува слободата на изразување.

„Изјавата на Премиерот, вклучително и неумесното „извинување“, освен што се навредливи и дискриминирачки, поттикнуваат хомофобија и линч насочен кон ЛГБТ заедницата. Се доведува во прашање доследното спроведување на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, и се поставува прашањето дали досегашните заложби за
унапредување на ЛГБТИ правата се навистина суштински или се само декларативни и формални.

Воедно, сметаме дека е крајно неприфатливо со вакви непромислени изјави да се етикетираат новинари кои критички известуваат за работењето на актуелната власт, и на тој начин да се создаваат услови за ограничување на слободата на информирање и изразување. Инсистираме Владата и Премиерот да покажат зрелост и умешност за справување со критиките, но и сериозно да се заложат за поддршка на критичката мисла и независното новинарство. Ова е особено важно во контекст на транспарентноста и отчетноста кои Владата ги претставува како едни од основните начела на своето работење.

Системот на вредности кој сакаме да го негуваме во Република Северна Македонија како идна членка на НАТО и ЕУ, во ниту еден случај не дозволува ваков дискурс кој ги доведува во прашање безбедноста на граѓаните и слободата на изразување“ велат граѓанските организации. Меѓу граѓанските организации кои ја осудија изјавата на премиерот се:

1. Фондација Отворено општество – Македонија
2. Здружение Хелсиншки комитет за човекови права
3. Коалиција сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници
МАРГИНИ Скопје
4. ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување
5. Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија
6. Здружение за културен и медиумски активизам КВИР СКВЕР Скопје
7. Здружение за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ Скопје
8. Здружение за дислексија АЈНШТАЈН Скопје
9. Здружение за развој и унапредување на Ромската заедница-РОМАНО ЧАЧИПЕ (РЧП)
10. Центар за современи уметности – Скопје
11. Рурална Коалициjа
12. НВО Инфоцентар
13. Здружение Национален Ромски Центар
14. Здружение ХОПС – Опции за здрав живот Скопје
15. Коалиција “Сите за правично судење”
16. Здружение за унапредување на родовата еднаквост – Акција Здруженска Скопје
17. Институт за човекови права
18. НВО КХАМ – Делчево
19. Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените –ЕСЕ
20. Здружение на граѓани за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ – Скопје
21. Контрапункт – асоцијација за развој на критичка култура и современи уметнички и
критички практики, Искра Гешоска, Претседателка
22. МЕТАМОРФОЗИС – Фондација за интернет и општество
23. Македонско здружение на млади правници
24. ЗГ за промоција на женската активност Тиииит! Инк. – Скопје
25. Здружение за сексуални и родови малцинства СУБВЕРЗИВЕН ФРОНТ Скопје
26. Институт за демократија ИДСЦС
27. Реактор – Истражување во акција

Треба да знаете
Последни објави