Обвинителот Бурим Рустеми ќе даде исказ за „Рекет” во ОЈО
Обвинителот Бурим Рустем од Специјалното јавно обвинителство денеска треба да даде исказ во Обвинителството за организиран криминал за случајот „Рекет”, откако од почетокот на неделава искази за случајот дадоа специјалните обвинителки Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска.
Поради судењето за случајот „ТНТ” каде Рустеми го застапува обвинението не се знае точно време кога ќе биде сослушан.
Обвинителката Лиле Стефановска заедно со нејзината шефица Катица Јанева беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита”, а во врска со случаите „Рекет” и „Империја”. Од ЈО засега не откриваат дали и кога ќе биде повикана и Јанева.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, вчера информираа дека согласно утврдениот план се преземаат истражни дејствија во насока на обезбедување на доказите и целосно расветлување на случајот „Рекет” и дека е во тек финансиска истрага во повеќе насоки и прибирање доказен материјал што ќе помогне во утврдувањето на фактичката состојба.
– Воедно, дел од одземените електронски уреди се вештачат, а за дел се прават напори за декриптирање на пронајдените содржини, соопштија од Јавното обвинителство.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во интерес на постапката, се подлекува, нема однапред да споделува информации за дејствијата што ги презема во предметот, па така и за лицата што ги повикало или има во план да ги повика да дадат исказ.
Истрагата за „Рекет” во Јавното обвинителство ја води шефицата на организиран криминал Вилма Рускоска.
Засега единствените осомничени за случајот „Рекет” Бојан Јовановски и Зоран Милески остануваат во притвор, откако вчера Кривичниот совет при Основниот кривичен суд им ја продолжи мерката за уште 30 дена.
Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Зоки Кичеец, Обвинителството ги товари за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание”, а првоосомничениот Јовановски и за „перење пари и други приноси од казниво дело”.