Поранешниот главен извршен директор во „Т-Мобиле“, Жарко Луковски, сепак, не успеал да си „купи“ затворање на истрагата во предметот „Базни станици“ на СЈО, како што Боки 13 го уверува Орце Камчев во еден од аудио-материјалите објавени од „Ла Верита“ објави „360 степени“.
Како што изјавиле за „360 степени“ од СЈО истрагата под ова кодно име, иницирана во октомври 2018 година, се уште е отворена.
Во „Базни станици“ Луковски е осомничен за злоупотреба на над 3,5 милиони евра во корист на Бетон АД Скопје, а на штета на акционерите на Т-мобиле, меѓу кои, и државата.
Предметен обвинител во „Базни станици“ е Лиле Стефанова, која деновиве е актуелна со случајот „Империја“. Таа вчера беше на распит пред надлежен јавен обвинител.
Истрагата, како што велат од СЈО, не е затворена, наспроти тврдењето на Боки 13 во разговор со Орце Камчев дека Жарко Луковски завршил работа за случајот со базните станици – и во СЈО и во Владата.
ТРАНСКРИПТ: Разговор меѓу Боки 13 и Орце Камчев
БОКИ 13: И уште една работа. Споменуваш неколку пати еден човек и ова меѓу мене и тебе.
ОРЦЕ КАМЧЕВ: Ја сум споменувал човек?
БОКИ 13: Еден човек споменуваш неколку пати, што е, кај е, како е.
ОРЦЕ КАМЧЕВ: И?
БОКИ 13: Тој човек преку мене стапи во контакт…
ОРЦЕ КАМЧЕВ: Овој горе?
БОКИ 13: Да.
ОРЦЕ КАМЧЕВ: Овој нашиов?
БОКИ 13: Да. И заврши се, ама заврши двострано. И СЈО и ЗЗ… и големи работи, голем проект.
ОРЦЕ КАМЧЕВ: Нашиот?
БОКИ 13: Да.
ОРЦЕ КАМЧЕВ: Тој па не ми е компактибилен за голема игра.
БОКИ 13: Те молам меѓу мене и тебе.
ОРЦЕ КАМЧЕВ: Абе шефе завршено, што ти е тебе. Оти он имаше исто предмет таму.
БОКИ 13: Немаше.
ОРЦЕ КАМЧЕВ: Абе имаше, за базните.
БОКИ 13: Не.
ОРЦЕ КАМЧЕВ: Добро сега си го решил проблемот, си ја решил маката.
БОКИ 13: Никој не знае.
ОРЦЕ КАМЧЕВ: Си ја решил маката. Добро бе супер, види Жарко ми е кум мене. Што збориш, нека си тера работа, кој може – бог да му поможе.
БОКИ 13: Со мене беше исклучително прецизен.
извор: 360 степени