„Аферата „Рекет“ е доказ дека оваа држава се промени и дека сите се исти пред законот“, вели министерката Радмила Шеќеринска, коментирајќи ги и снимките кои во јавноста се поврзаа и со нејзиното име.
-Оваа држава се промени и во оваа држава кога ќе се појават снимки никој не тврди дека се сечени, лепени и монтирани. Кога ќе се види криминал, институциите реагираат и двајца се веќе во притвор. Кога за првпат излегоа некакви информации, не во јавност, премиерот го пријави случајот. Ние кажавме дека од прв до последен не сме заштитени, покажавме дека никого не штитиме, туку дека дозволивме, дозволуваме и овозможуваме сите институции да спроведат целосна истрага никого да не го спасуваат и никого да не го штитат. Законот важи за секој од нас. Никој од нас нема да очекува, ниту пак ќе добие политичка заштита, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарски прашања, по заедничката прес-конференција со полковник Грегори Најт, кој ја предводи делегацијата на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт, која е во посета на Македонија.
Не прецизира дали била на гости кај Бојан Јовановски, но тврди дека на никој начин не овозможила или поддржала криминал.
Истовремено ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ако сака вистински да даде поддршка во процесите, да го поддржи законот за Јавно обвинителство.