Обвинителот Бурим Рустеми од Специјалното јавно обвинителство денеска треба да даде исказ во Обвинителството за организиран криминал за случајот „Рекет”.
Рустеми беше повикан да сведочи во ЈО вчера, но неговото сослушување беше одложено поради рочиштето за предметот „ТНТ” каде тој го застапува обвинението.
Во Обвинителството за организиран криминал од почетокот на неделава искази за случајот „Рекет” дадоа специјалните обвинителки Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска. Во вторник на распит е повикана и шефицата на СЈО Катица Канева.
Стефанова и Јанева беа спомнати во снимените разговори и видеата што ги објави интернет изданието на италијанскиот весник „Ла Верита”, а во врска со случаите „Рекет” и „Империја”. Во втрник во ОЈО е повикана и Катица
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, единствено информираа дека согласно утврдениот план се преземаат истражни дејствија во насока на обезбедување на доказите и целосно расветлување на случајот „Рекет” и дека е во тек финансиска истрага во повеќе насоки и прибирање доказен материјал што ќе помогне во утврдувањето на фактичката состојба.
– Воедно, дел од одземените електронски уреди се вештачат, а за дел се прават напори за декриптирање на пронајдените содржини, соопштија од Јавното обвинителство.
Истрагата за „Рекет” во Јавното обвинителство ја води шефицата на организиран криминал Вилма Рускоска.
Засега единствените осомничени за случајот „Рекет” Бојан Јовановски и Зоран Милески остануваат во притвор. Обвинителството двајцата ги товари за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание”, а првоосомничениот Јовановски и за „перење пари и други приноси од казниво дело”.