Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска се сретна со делегација на Вооружените сили на Република Бугарија, предводена од началникот на Генералштабот, генерал Андреј Боцев.
На средбата беше потврдена соработката меѓу армиите на двете земји, но и целокупната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија на одбранбен план, при што беше констатирано дека на тој начин обете држави придонесуваат за стабилноста и безбедноста во регионот. Претседателот Пендаровски потенцираше дека искуството на вооружените сили на Република Бугарија, како земја-членка на НАТО, може да биде од корист за Армијата на Република Северна Македонија.
Претседателот Пендаровски истакна дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија, потпишан во август 2017-та година, внесе позитивна динамика во севкупните билатерални односи.
Средбата, Претседателот Пендаровски ја искористи да му се заблагодари на генералот Боцев за поддршката од Бугарија за аспирациите на Северна Македонија за членство во НАТО, потврдена со ратификацијата на Пристапниот протокол за членство во Алијансата од страна на Собранието на Република Бугарија во февруари годинава.