Актуелните дневно-политички случувања во земјата, не можат и не смеат да бидат изговор за непочитувањето на човековите права и слободи. Последната трагедија во која животот го загуби 17 годишно момче, кое беше убиено од својот врсник, е потсетник за трулежот на општество во кое живееме, наведе денеска во соопштение Центарот за слобода ЦИВИЛ.
Според ЦИВИЛ, никој не смее да бега од одговорноста, туку да започне, секој со своите можности и ингеренции да гради здрави услови за живот и развој на децата и младите.
Ова општеството, посочува ЦИВИЛ, не смее да заборави на човековите права, а особено не може да си дозволи да ги занемари правата на децата.
– Државата, општеството, институциите, медиумите и родителите имаат обврска да работат заедно и да обезбедат максимални услови за развој и достоинствен, здрав и безбеден живот на децата и младите. Децата и младите имаат право да се развиваат во општество во кое се негува меѓусебната почит, да научат дека животот нема цена, дека никој не може ни да помисли да посегне по туѓ живот. Родителите, институциите, медиумите, јавните личности, сите заедно имаат обврска, со сопствените постапки, секојдневно да им даваат позитивни примери на децата и младите, оценува ЦИВИЛ и бара секој со своите можности и ингеренции да гради здрави услови за живот и развој на децата и младите.