Питер Фонда, актерот најпознат по моторџискиот филм од 1969 година „Голи во седло“ (Easy Rider), почина по борбата со карцином на белите дробови на возраст од 79 години. Питер е син на холивудската легенда, Хенри Фонда и брат на актерката Џејн Фонда.
„Многу сум тажна. Тој беше мојот брат со меко срце. Говорникот на семејството. Деновиве поминав прекрасно време со него насамо. Замина смеејќи се“, рече неговата сестра Џејн во изјавата.
Славата на „Голи во седло“ се покажа и како благослов и како проклетство за Фонда, кој следните три децении се мачеше да го повтори својот успех како актер и како режисер, сè додека во 1997 не го сними „Улеевото злато“, во кој глумеше храбар пчелар од Флорида. Доби номинација за Оскар за најдобар актер, но загуби од Џек Николсон („Најдобро што може“).
Последниве години Фонда стана посветен онлајн-активист на #Отпорот, одејќи дотаму што лани во јуни повика на киднапирање и малтретирање на Барон, синот на претседателот Доналд Трамп.