Помпео загрижен за ситуацијата во Либија

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска во телефонски разговор со шефот на египетската дипломатија Самех Шукри изрази загриженост за конфликтот во Либија, а двајцата соговорници се согласиле дека за овој проблем е неопходно политичко решение, соопшти Стејт департментот.

Помпео и Шукри, наведуваат американските медиуми, разговарале и за потребата САД и Египет со заеднички сили да се борат против Исламска држава и милитантните ограноци на терористичката мрежа Ал Каеда, се додава во соопштението на Стејт департментот.

Египетското Министерство за надворешни работи соопшти дека двајцата соговорници разговарале и за израелско-палестинскиот конфликт, како и за кризите во Сирија и Јемен.

Американските медиуми потсетуваат дека Египет, заедно со Обединетите Арапски Емирати ги поддржува меѓународно непризнаените сили на генералот Калиф Хафтер, чија Либиска национална армија се обидува од меѓународнот признатата либиска Влада да ја преземе контролата врз Триполи.

Медиумите, повикувајќи се на дипломатски извори, додаваат дека Турција неодамна на владата во Триполи и доставила оружје за да ја запре офанзивата на Хафтер.

Треба да знаете
Последни објави