Во кочанското село Тркање поладнево беше отворен дневен центар за ран детски развој што ќе ги згрижува најмладите на предучилишна возраст од оваа населба.
На отворањето на центарот присуствуваше и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска која истакна дека тој ќе функционира во рамки на детската градинка „Павлина Велјанова” од Кочани, при што е со капацитет да згрижи четриесетина деца.
– Отворањето на ваков објект за згрижување на најмладите е посебно важен затоа што е сместен во рурална средина, а наша определба е на децата кои живеат и во руралните и во урбаните средини да им овозможиме еднакви можности за подготовка за натамошното образование. Сметам дека родителите ќе имаат само корист од работењето на ваков објект затоа што тој обезбедува услови за рано учење и развој, а целиот процес го водат обучени воспитувачки и воспитувачи, истакна министерската Царовска.
Претходно, локалната самоуправа на Кочани со поддршка од УНИЦЕФ и од ресорното Министерството, инвестираше околу еден милион денари со кои адаптираше и опреми посебна просторија за потребите на дневниот центар.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев информираше дека веќе се пријавени 24 деца кои ги исполнуваат условите да го посетуваат Центарот за ран детски развој, а дел се згрижени во детската градинка во Кочани. Притоа искажа надеж дека и други родители кои имаат дечиња до шестгодишна возраст ќе поднесат пријава за нивно прифаќање во институцијата.
Згрижувањето и воспитувањето на децата преку Центарот за ран детски развој е бесплатно и ќе се реализира по три часа секој работен ден, а според соодветните услови, ќе започнува по завршувањето на училишната смена.