– Макс Верстапен е среќен што неговиот поранешен конкурент во картинг, Шарл Леклер, го остварил заедничкиот детски сон да се натпреварува во Формула 1, но според Холанѓанецот, уште тројца пилоти ќе учествуваат во борбата во иднина. Во 2019 година бевме сведоци на исклучително привлечниот дуел меѓу двајцата на „Силверстон”, а и во одделни ситуации во други трки од календарот.
Макс и Шарл имаат 21 година, но веќе долго време се противници. Според пилотот на Ред Бул, нивната конкуренција не е така жестока како порано, но секако следат уште многу битки пред нив.
„Се натпреварувавме многу цврсто со него, а се разбира, така беше и во картинг. Мислам дека тоа го надраснавме и сега двајцата го живееме нашиот сон во Ф1. Тој е одличен пилот, но не очекувам да се борам само со него. Има повеќе млади таленти како Ландо Норис, можеби Џорџ Расел, можеби Алекс Албон. Многу млади таленти доаѓаат и ако имаат вистински автомобил, можат да направат одлична работа”, изјави Верстапен.