Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека дијалогот меѓу Белград и приштина „во најдобар случај” ќе продолжи во декември.
– Тешко може да се очекува тоа да се случи пред одржувањето на изборите (во Косово), за кои верувам ќе бидат на 6 октомври, иако се уште не се распишани. Тоа значи, во најдобар случај, на почетокот на декември, но пред тоа е важно да се зборува за укинување на таксите, истакна Вучиќ по неговата средба со Њујорк со американскиот државен секретар Мајк Помпео.
– И парите и времето се важни, имајќи предвид одредени политички факти. Ако успееме во тие пет месеци и натаму да го сочуваме мирот, тоа и не е толку проблем. Сеедно, статус кво е невозможно затоа што кога ќе пукне една пушка, тогаш никој не може да го запре грмењето на топовите, оцени српскиот претседател.
Тој, исто така, потврди дека од неговата хрватска колешка Колинда Грабар-Китаровиќ побарал веќе да не го користи изразот „големосрпска агресија”.
– Колинда Грабар-Китаровиќ од мене побара посебно да се позанимавам со исчезнатите лица и во следниот период јас ги очекувам првите резултати за тоа прашање – а не е лесно, туку е многу тешко. Јас од нив побарав повеќе работи – поинаков однос кон српското население, луѓето да добијат струја, вода итн. Барав – луѓе немојте да зборувате за големосрпска агресија цело време бидејќи тоа нема смисла, појасни Вучиќ.