Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај порача денеска дека Србија никогаш веќе нема да има работа во Косово и дека државата го има суверениетот врз целата своја територија, јави дописникот на МИА од Приштина.
По повод последните написи во српскиот печат дека наводно постојат сведоштва за негови воени злосторства, Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека таквите информации доаѓаат од „остатоците” на режимот на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ.
– Остатоците на Милошевиќ не престануваат! Ниту јас нема да престанам да ја држам Србија надвор од Косово. Ја зајакнавме нашата држава со војска и преку таксите го заштитивме нашиот пазар. Косово е суверена држава на сета своја територија и Србија веќе никогаш нема да има работа тука, порача Харадинај.
Поранешниот заменик-обвинител на Србија за воени злосторства, Драгољуб Станковиќ во интервју за белградска „Политика” изјави дека Харадинај од Хашкиот трибунал за воени злосторства во 2008 беше ослободен од вината за дела од 1 март до 30 септември 1998. Меѓутоа, вели Станковиќ, новиот меѓународен Суд за воени злосотрства во Косово, кој минатиот месец го повика Харадинај на распит во својство на осомничен, ќе го суди за злосторства по споменатиот период, за што српското обвинителство наводно располага со докази и истите ги доставило на судот.