Обвинет во случајот „Мавровски работници“ ќе стане министер

Премиерот Зоран Заев доби предлог од владиниот партнер Али Ахмети за министер без ресор за странски инвестиции. Ахмети се премисли и наместо Ибрахим Дехари, го предлага Хисен Џемаили за таа функција, откако првиот не се нафатил да биде министер.

Џемаили во конфликтот во 2001 година беше во редовите на ОНА. Тој остана запаметен како обвинет во еден од четирите Хашки предмети и како еден од пратениците на кој му беше одземен имунитетот. Беше обвинет за Хашкиот предмет „Малтретирани градежни работници од Маврово“. Тогаш по Џемаили беше распишана потерница бидејќи два месеца не се појавуваше ниту во Собранието ниту во суд.

Откако Собранието во 2011 година го донесе Автентичното толкување на Законот за амнестија, Хашките предмети се затворија.

Министерската фотелја за странски инвестиции се испразни по смената на Зоран Шапуриќ.

Џемаили за Плусинфо потврдил дека ја прифатил понудата на Ахмети. Сега се чека на виза од премиерот Заев за и тој ресор да се пополни.

Според Алсат, Дехари ја одбил понудата бидејќи станува збор за министерство наменето само за задоволување на политички апетити и дека не придонесува ништо добро за општеството.

Наспроти ова, Џемаили не размислува како сопартиецот.

– Го прифатив предлогот на лидерот Али Ахмети за министерската функција. Битно е Владата да е силна и што повеќе да придонесеме за општеството – изјавил  Џемаили за Плусинфо.

Џемаили е асистент – професор по географија на Тетовскиот универзитет. Претходно тој беше советник во Општина Тетово, а во мандатот од 2008 до 2011 беше пратеник.

 

 

Треба да знаете
Последни објави