Емирот од Катар, Тамим бин Хамад Ал Тани им кажал на челниците на францускиот фудбалски првак ПСЖ дека не сака Бразилецот Нејмар да биде продаден ова лето, пишува денеска францускиот „Ле Монд” .
Главната причина поради која тој е против продажбата на Бразилецот е тоа дека со таквиот потег ПСЖ би покажала дека не потпаѓа под притисокот на барањата на играчите. Така, ПСЖ би испаднал послаб од ривалските клубови од негов ранг, а тоа е нешто што катарскиот емир не сака да го види.
Катар Спортс Инвестментс е државна компанија која го купи парискиот клуб во 2011 година. Иако уште еден шеик, поточно Насер Ал-Келаифи е на чело на клубот како претседател, Ал Тани управува со целиот Катар, така што тој има моќ да донесе таква одлука.
Емирот за своето мислење го известил Ал-Келаифи, како и спортскиот директор на клубот, Леонардо.