Кукан и Флекенштајн во Белград во посредничка мисија меѓу власта и опозицијата

Поранешните европратеници, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн, денеска во српското Собрание во Белград ја започнаа дводневната посредничка мисија зад затворени врати со претставници на опозициските партии и на власта, на кои нема да даваат изјави ниту пред ниту после состаноците.

Кукан и Флекенштајн и шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Сем Фабрици, ќе имаат одвоени состаноци со преставници на пратеничките групи на владејачката Српска Напредна Странка (СНС), Социјалистичката партија на Србија (СПС), со лидерот на Радикалите Воислав Шешељ, со опозицијски пратеници Маринка Тепиќ, Бошко Обрадовиќ (Двери), Зоран Живковиќ (Нова Странка), со преставници на Демократската странка (ДС), Либерално демократската партија (ЛДП) и Лигата на социјалдемократите на Војводина (ЛСВ), Социјал демократската странка (СДС), со Марко Ѓуришиќ и Сандра Рашковиќ Ивиќ и со други преставници на политичките партии во српското собрание.

Од страна на Кукан и Флекенштајн побаран е состанок и со првиот спикер, Маја Гојковиќ, која денеска има средба со рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан Харченко.

Претседателот на ПСГ Сергеј Трифуновиќ пред неколку дена побара посредништво од ЕУ во дијалогот меѓу властите и опозицијата, во писмото испратено до Претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер.

Во пресрет на оваа посредничка мисија, опозицијската пратеничка Сандра Рашковиќ Ивиќ за ТВ Н1 изјави дека доаѓањето на Кукан и Флекенштајн е во насока на зајакнување на притисокот, опозицијата да излезе на престојните редовни парламентарни избори на пролет идната година.

– Тие веројатно ќе направат нешто за да ја подобрат ситуацијата, да не биде повеќе вака во парламентот…Инаку, Флекенштајн, Кукан и Мекалистер се триото што ја среди Македонија, и ќе нè туркаат на ист начин и нас како што ги туркаа Македонците, да се вклучиме во изборите , изјави Рашковиќ Ивиќ.

Треба да знаете
Последни објави