Крајот на септември последен рок за продолжување на членство во втор пензиски столб за родените пред 1967 година

Согласно измените на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, кои стапија на сила од 1 јануари годинава, доброволните членови во вториот пензиски столб, родени пред 01.01.1967 година имаат право да изберат дали ќе го продолжат или прекинат членството во вториот пензиски столб.

Овие осигуреници доколку сакаат да останат членови во вториот пензиски столб, за тоа треба да дадат Изјава, најдоцна до 30 септември 2019 година. Од 1 октомври, сите кои влегуваат во оваа категорија, а не дале изјава, автоматски ќе престанат да бидат членови во вториот пензиски столб. Друштвото во кое членувале ќе ја затвори нивната индивидуална сметка и ќе го пренесе вкупниот износ на досега издвоените средства во Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија. Односно, тие остануваат осигурени само во тековното финансирано пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност, во Фондот на ПИОСМ.

Доброволни членови на Втор столб инаку се сите членови кои имаат прво вработување пред 01.01.2003 година и доброволно избрале да станат членови во задолжителен пензиски фонд и имаат за тоа склучено Договор за членство. Досега, од средствата кои од нивните лични доходи се издвојуваат како пензиски придонеси, 6% се собираат на нивните индивидуални сметки во задолжителниот пензиски фонд, во кој избрале да членуваат. Пензиско друштво истите ги инвестира и остварува принос за членството. Останатите средства од пензиските придонеси остануваат во Фонд на ПИОСМ. Овие членови, доколку дадат изјава за продолжување на членството во задолжителниот пензиски фонд, по пензионирањето практично пензија ќе добиваат од два извори. Средствата собрани на нивната индивидуална сметка од вториот пензиски столб се наследни.

КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд, како еден од фондовите од вториот пензиски столб, се приклучува на веќе дадената информација од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и ги повикува своите членови родени пред 01.01.1967 година да се информираат дали наведените измени  ги засегаат.

 

Треба да знаете
Последни објави