Болтон во посета на Белорусија

Советникот на Белата куќа за национална безбедност Џон Болтон денеска допатува во Минск на разговори со белорускиот претседател Александар Лукушенко.

– Предвидено е Болтон да се сретне и со шефот на белоруската дипломатија Владимир Макеј со кој ќе разговара за регионалната безбедност и за американската поддршка на суверенитетот и независноста на Белорусија, соопшти Амбасадата на САД во Минск.

Посетата на Болтон уследи по вчерашната средба на Болтон со претседателот на Украина, Володимир Зеленски во Киев, каде американскиот советник инсистираше на територијалниот интегритет на Украина во рамките на вооружениот судир помеѓу украинските сили и проруските сепаратисти во источниот дел на земјата.

Во 2010 година меѓународната заедница воведе санкции за Белорусија, откако Лукашенко го освои четвртиот претседателски мандат. Дел од санкциите се укинати во 2015 година откако во Белорусија беа ослободени политичките затвореници. Истата година Лукашенко го освои петтиот претседателски мандат.

Во последните години се шпекулира, посебно во руските медиуми, за евентуално обединување на Русија и Белорусија во една држава, со што би му се овозможило на рускиот претседател Владимир Путин, кој според Уставот нема право повторно да се кандидира на изборите во 2024 година, да остане на власт по истекот на сегашниот мандат.

Но, Лукашенко тврди дека 98 проценти од Белорусите се против обединување со Русија.

Болтон од Минск ќе отпатува за Молдавија, уште една поранешна советска република.

– САД најверојатно бараат дупка за да го засилат своето влијание во Украина, Белорусија и Молдавија, напиша американскиот институт Стратфор.

Треба да знаете
Последни објави