Турција денеска соопшти дека иранскиот танкер, кој се најде во средиштето на конфликтот меѓу Техеран и Вашингтон, се движи кон Либан, иако официјален Бејрут тврди дека не знае ништо за тоа, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Танкерот „Адриан Дарја“, кој претходно се викаше „Грејс 1“, го промени правецот за 180 степени и се упати кон турското пристаниште Искендерун, 200 километри од сириската рафинерија Банијас. Од почетокот се претпоставуваше дека ова пристаниште е крајната дестинација за танкерот што со денови плови во Средоземното Море. Имено, ова е трет пат во десет дена како танкерот го менува курсот.
Но, турскиот министер за надворешни работи, Мевљут Чавушоглу, вели дека танкерот, кој инаку плови со 2 милиона барели нафта, се движи кон главното пристаниште во Либан. Тој исто така додаде дека за координатите на танкеротрот разговарал со британскиот премиер, Борис Џонсон.
„Ние многу внимателно го следиме танкерот“, изјави Чавушоглу.
Турскиот министер сепак рече дека Либан не мора да биде крајната дестинација на бродот.
„Не реков дека танкерот оди до либанското пристаниште“, кажа тој на прес-конференција.
„Според координатите бродот плови кон територијалните води на таа земја, но тоа не значи дека ќе застане во либанско пристаниште“, додаде тој, повторувајќи дека Турција не е крајната дестинација.
Но, либанскиот министер за финансии, Али Хасан Калил, за „Ројтерс“ изјави дека никој не ги информирал дека иранскиот танкер „Адриан Дарја“ плови за Либан.
САД, пак, тврдат дека танкерот е контролиран од Иранската револуционерна гарда, елитна иранска воена единица под директно раководство на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хаменеи, која ја семетаат за терористичка организација. Затоа, тие бараат од земјите во регионот да не му помагаат и да не дозволат пристап за танкерот.
Танкерот беше запленет па пуштен од Гибралтар кон средината на август, откако беше задржан во траење од пет недели под сомнение за транспорт на нафта до Сирија, што би ги нарушило санкциите воведени од ЕУ. По ослободувањето, танкерот првично се упати кон грчкото пристаниште Каламата, а потоа кон пристаништето Месрин во Турција.
Портпаролот на иранската влада во понеделникот изјави дека Иран ја продал нафтата на танкерот и дека купувачот, кој засега е непознат, ќе ја одреди конечната дестинација на бродот.
Сепак, кога на танкерот му беше дозволено да исплови од Гибралтар, иранските власти порачаа дека нафтата не е наменета за Сирија.