Добра Вечер до сите штипјани коишто одлучија вечерта да ја поминат со нас одбележувајќи 29 години од формирањето на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во победнички Штип, победнички Штип во минатото, но и победнички Штип и во иднината.
Штип е градот на непокорот и Македонската пркост, ова кораво место кое на ВМРО-ДПМНЕ му даде великани кои ги паметиме и денес и има заслужно место во историјата, во растот и во сите историски важни делови од животот на организацијата која секогаш му припаѓаше и се уште му припаѓа единствено на народот на Македонија. И така и ќе остане.
И нашето ВМРО, ВМРО-ДПМНЕ не е дрво без корен, и затоа не пропуштам во секоја прилика да се навратам на споменот и делото на оние кои се вградија во историјата на нашата земја. И овие 29 години кои денес ги бележиме, од формирањето на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ не ќе значат ништо без таа децениска и вековна борба на организацијата која ги анимираше, храбреше и чуваше нашите идеали. И така ќе остане и денес кога Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ овде во Штип е еден од чуварите на тие идеи и идеали.
Александров ќе напише „Македонија во минатото даде великани, имиња кои ги изговараме со смирена благонаклоност и со стравопочит. Македонија и сега создава големи по душа и неповторливи маченици и херои, подготвени за самопожртвување, пред споменот или ликот на кои им симнуваме капа. Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ова место ми помогна да работам во моментот со капитал, создаден од сите творци на македонската епопеја и да го претставувам идеализмот, моралната сила и цврстина на борбена Македонија. Драгоцените квалитети и дарби на Македонија се залог за сигурноста и брзо извојување на Независноста на Македонија”.
Браќа и сестри, независноста не падна од небото туку таа дојде како резултат на макотрпна борба. Како редослед на многу неуспеси, обиди и саможртва, но и славни победи. Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Штип растеше и се развиваше, тој е еден од најзначајните столбови на партијата кој остана непоместен, цврст бедем во сите невремиња и бури за нашата земја и за нашата партија. Ви благодарам. Ќе зборувам отворено за денешната политичка реалност но, и тоа каква иднина да очекуваме. Ќе зборувам отворено дека овие 20 месеци зад нас и за ВМРО-ДПМНЕ беа едни од најтешките од создавањето до денес. Но ние не наведнавме глава, не свиткавме кичма и заедно опстанавме. Еден до друг, еден покрај друг се имавме во сите удари кои ги преживеавме, во сите напади, внатрешни и надворешни. Ние опстанавме, и ќе опстанеме свесни за сите наши пропусти во минатото, доекипираи, со визија тргнавме напред. И денес кога ја гледам оваа преполна сала, на луѓе чии срца и мисли се исполнети со жарот за Македонија, кога го гледам и ангажманот на претседателот на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПНЕ, Иван Јорданов но и кога го гледам ангажманот на сите членови на општинскиот комитет, на останатите структури на ВМРО-ДПМНЕ овдека во Штип можам да кажам и да заклучам Штип е победнички! Штип ќе биде прв во браната која ќе го запре ова лудило кое и се случува на нашата земја, ова зло кое надвиснало над Македонија и кое ја одзема иднината ќе биде поразено. Штип ќе е браната пред која ќе распука оваа криминална власт на Заев и неговата каста, и го чекаме денот во месеците кои следат и повикот одовде од гордиот Штип кога громогласно ќе се слушне веста, Штип победил, а власта загубила.
Почитувани присутни,
Кога секој од вас ќе ги слушне оние фалби на власта вообичаено дадени од удобните климатизирани кабинети во владата или министерствата, ќе чуе дека ова било економска година, дека сме биле лидери во напредокот, иако не кажуваат во што, дека платите ќе растеле, пензиите оделе нагоре, земјоделците биле среќни, инвестиции имало скоро секој ден, најмалку по една а некогаш и по две дневно, секој од вас знае, дека сето ова го има само во розевите очила Зоран Заев и неколкумина обожаватели околу него на ликот и делото на Зоран Заев, а во реалноста од ова нема ни трага ни глас. Во изминативе неколку дена поминав илјада километри низ нашата земја, се видов со стотици наши сограѓани, и ќе ви кажам еден личен впечаток. Состојбата е алармантна, а народот гладен и истоштен. Разочаран. Разочарувањата доаѓаат затоа што сепак нашиот народ имаше надеж, која сега е изневерена. Не сретнав среќно лице, задоволен човек. Нема ниту едно задоволно лице, а тоа е така зошто реалноста е сурова. Затоа што сиромаштијата е голема.
Вчера во Долни Подлог се сретнав со измамените оризопроизводители. Им ветувале субвенции ги лажеле, им ветувале сигурна откупна цена и за тоа ги излажале. Производството отишло кај локалните шерифи блиски на власта за да им ја злоупотребат маката и се богатат на нивниот грб. Еден шеесет годишен човек со растреперен глас вели: Ние сме последните кои се занимаваат со земјоделие во Македонија, немаме ни за леб, а камо ли да заработиме за нешто. Ни ја земаат храната од уста. А ако кренеме глава ќе не прогласат или за криминалци или за поддржувачи на опозицијата. Тоа е таа демократска власт на несудениот нобеловец Зоран Заев, кој додека ги угнетува земјоделците не ги остава ниту да се побунат, ниту да го кренат својот глас против неправдите.
И веќе онаа слика на наивен човек кој со раката на срце вели дека е чесен, и дека жицата македонска дека таа му била најважна, тоа веќе не поминува. А не поминува затоа што оставија позади себе чемер и јад.
Навистина веќе никој не верува дека било што добро може да се направи оваа власт. Исто како што народот не им верува кога Зоран Заев ќе каже дека тешко му паѓало кога ќе видел лажна вест. Замислете, ова доаѓа од човек кој принцот на лагите, кој е главен извор на лажни вести во Македонија. Ако одевме по сите лажни вести кои се кажани од овој човек денес се уште требаше да веруваме дека Македонија веќе една година преговара со ЕУ, затоа што според Заев уште минатата есен славеше по плоштадите ширум татковината. Луѓето веќе ги полнеа паричниците со минимум 500 евра плата, а редици се чекаат за вработувањата коишто ги нудат Гугл и Фејсбук. И уште многу, многу други лаги коишто сега навистина не би сакал ниту вашето време да го губам бидејќи овој ден за сите нас е посебен. Сепак славиме 29 години и ова треба да биде навистина убав ден.
Ако на премиерот Зоран Заев му паѓа вистински тешко од лажните вести, тогаш сигурен сум дека на родителите на децата убиени кај Смилковското езеро уште потешко им паѓаат лагите кои Заев им ги кажуваше, им ветуваше, седеше до нив ги гледаше во очи, им ветуваше дека тој е тој којшто знаел кој биле вистинските убијци и дека вистинските убијци не се тие коишто веднаш откако се зграшчи до власта ги ослободи затоа што се пазареше за нивната слобода. А тажните лица и погледот на родителите од Смилковско останаа. Надежта не умира, а таа надеж ние имаме долг да ја вратиме.
Жална, но вистинита вест е дека во Македонија сите цени растат, се е поскапо, само животот станува најевтин. И затоа ќе ни се случува дете да убие дете, убијци се уште да се на слобода и да се тргува со нивната слобода и да има недоприливи за правдата. А има недопирливи за правдата затоа што криминалниот откопод кој управува со земјата останува нечепнат.
Се случи аферата Рекет, и погледнете само како требаше да биде она којшто оние го нарекуваа битка против криминалот стана битка за заштита всушност на криминалот. Како сите се откажаа од Катица и Бојан Јовановски кои само се извршители во оваа кратка крими серија. Како министри од владата на Заев ја тресат и најситната прашина која може да укаже дека заедно го делеле колачот од оној трофеј сместен во куферот полн со пари, зошто знаат дека власта губи, и дека ќе дојде време да се порамнат сметките и ќе биде побарана одговорност.
И да не очекуваме правда од ова Рускоска обвинителство која се реши да ја апси Катица после неколку недели, па со лаконска трпеливост ни објаснуваат дека иако Катица ја завршила работата која ја процениле за 8 милиони евра, она само добила троседот 5 илјади евра. Никој не верува во овие алибија на власта, исто како што никој не верува во зборовите на главата на откоподот дека правда ќе има зошто тој е носителот на неправда во оваа земја. И тука нема да му помогнат ниту оние шминерски рокади кои ги прави во Владата, ниту пак криењето на Кики и Фрики, ниту пак криењето на Шеки и останатите. Нивната улога допрва ќе се оценува и проценува.
И тука не го вадат ниту изјавите дека прв пријавил во обвинителството за тоа дека имало Рекет, ама ова откако ги фатија со рацете во медот, зошто допрва треба да се проверат наводите што некои медиуми објавија дека токму Заев ги предупредил осомничените дека се фатени во криминални дејанија.
И некако оваа Осмица, како да стана судбински број поврзан со Зоран Заев. Така го аболираа за сторен криминал од 8 ипол милиони евра во Глобал, а богами се гледам дека истата бројка осмица е популарна во аферата Рекет. Толку многу често, толку многу пати Заев е погрешно разбран, што веќе станува апсурдно. Кога го фатија за Глобал, велеше дека е жртва, кога го фатија како бара евро за него евро за Вицето, евро за Црквата, велеше дека бил дарежлив, кога нудеше 100 илјади евра поткуп за Вартоломеј, велеше дека е филантроп кој што сакал да помогне, сега за куферот полн пари од рекет вели пу пу неважи, Бојан Јовановски сам му текнало да бара пари. Работите се премногу очигледни, толку мириса на криминал што Вардар нема да го пере, и тоа оној надојдениот наскоро од овој ден денеска.
Оваа влада е најголемиот непријател на правдата. Затоа толку грчевито се бори за да ги задржи привилегиите и инсталациите во обвинителството. Така еднаш Заев ќе се пофали дека имал две третини за законот за обвинителство, па кога ќе види дека нема, тогаш министерката ќе каже еве ќе го менуваме Советот на јавни обвинители, зошто таму не требаат две третини. Па сами си ги кажуваат задните намери кои имаат две цели. Првата е политичка да се пресметаат преку инсталациите во обвинителството со политичките неистомисленици и втората е да го заштитат криминалот кој што ќе го остават позади себе, а обвинителскиот систем да им биде слуга. Е тоа така не може. Тоа нема да помине. И ако се надеваат на некакво ново Пржино, некаков нов договор на кој ќе се повтори реприза на ослабено ВМРО-ДПМНЕ кое ќе потпишува се и сешто, надополнето со по некој Преторијанец во преговарачкиот тим, треба да знаат дека тој филм нема да го гледаат. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ и јас како негов претседател вам и на сите низ Македонија им ветувам правда, а за правдата не планирам никаков компромис. Нека слушнат и сите оние курири кои што ми ги праќаат овие од криминалниот октопод да преговараат за милост после поразот на изборите. Секој оној кој што се огрешил пред законите и се посрамотил пред граѓаните,нема милост, ќе одговара.
Немојте попусто да се пенавите, да ја виткате кичмата и да молите за милост. Тоа што сте си дробеле, тоа и ќе сркате. Ќе бидете први соседи на таа што сега ја сместивте таму, Катица, Бојан Јовановски и Зоран Милески.
Каква е реалноста, нема ниту еден универзитет, а Штип е универзитетски град, во 1000 те најдобри во светот според Шангај, а ветуваа дека ќе има место за нас таму. Имаме капитални инвестиции од мизерни 24.5%, а трошењето од буџетот не е да се обезбеди развој, туку да се купи социјален мир, за да нема тензии и да се покријат погрешните политики на владата. Затоа ќе слушнете најави за поголеми плати, повеќе пари, тоа се плаќа браќа и сестри од вашите даноци, од денарот кој што вие го уплаќате во касата за да може Зоран Заев најпрвин да ја празни и пљачка, а потоа откакао ќе види дека води погрешни политики да ги искористи тие пари и да ги покрие тие погрешни политики.
Денеска видовме мизерни, нецели 8 милиони евра странски директни инвестиции за вториот квартал од 2019 година, за цели 10 пати помалку од минатата година кога компаниите што ВМРО-ДПМНЕ ги донесе и ја реинвестираа добивката и на тој начин ја покачија основата за директни странски инвестиции. Кога земјите во регионот бележат стотици и стотици милиони евра квартални инвестиции, ние денеска, Народна банка на Република Македонија извади податок за мизерни 8 нецели милиони евра. Бројот на вработените во индустријата, се сеќавате блескаме и ни одело во економијата и затоа немало да има предвремени парламентарни избори, сега требало да се даде шанса на економијата, во вториот квартал, да бидам попрецизен во јули месец, на почетокот од третиот квартал е намален за 2,5% споредено со јули месец 2018 година. Долгот од почетокот на годината е зголемен за 100 милиони, а најтешкото допрва доаѓа. Тоа е блескањето на Зоран Заев, ама изгледа блескаат само фирмите со канабис и блиските на Зоран Заев.
Тука сакам исто така да кажам и да ја изразам мојата силна и недвосмислена поддршка на просветните работници кои се борат за своите права. Јас сум пред се универзитетски професор, мојата сопруга е во просветната дејност и добро, многу добро знам какви предизвици и со какви тешкотии се соочува македонското образование. Овде борбата е за основните работи, а за развој не сакам ни да зборуваме. Затоа ги поддржувам во нивните барања и нивната борба.
Ако по нешто блеска оваа земја тоа е по три работи. Првата е неспособноста на власта, втората е криминалот, третата е разочарувањето приредено од владата. Имаме министри во владата кои трета година ги уживаат придобивките а нивните имиња не ги ни знаеме, ќе ги сретнеме по улица, ќе се судриме со нив, ќе не знаеме кому извини му викаме.
Се фалат со проекти започнати од ВМРО-ДПМНЕ, мака немаат, ама ако, барем нешто нека работат, па макар да го довршат еве после третата година во владата на Република Македонија она што ние го започнавме. А тоа што народот нема пари не ги интересира, слушнав една шега, мислам дека беше во Крива Паланка, вели и мигрантите не заобиколуваат.
Револуцијата на Заев се претвори во изветоперена диктатура на власта, каде новинарите се тужат зошто ја критикуваат власта, тендерите завршуваат во приватни џебови, а премиерот е отсутен од реалноста.
Главната работа на Владата и на по некое градоначалниче кое сака да се истакне пред деспотот нели, станува гребењето на шеснаесеткракото сонце, како да тоа е злосторство за кое што следува казна, а не историски симбол на нашиот народ. Се истакнуваат кој повеќе сонца ќе избрише наместо кој повеќе проблеми ќе реши.
Нивната битка браќа и сестри во периодот кој што следи и нивниот обид да ги завршат привилегиите ќе биде на два фронта. Првиот е фронтот кој што ние овие 20 месеци ни беше главна задача да го одбраниме, а тоа беше да го направиме ВМРО-ДПМНЕ повторно силно исправено, ВМРО-ДПМНЕ гордо и ВМРО-ДПМНЕ коешто е победничко и ВМРО-ДПМНЕ коешто е најголемата политичка сила во Република Македонија.
Но, тука нема да застанеме и не смееме да застанеме затоа што нашата задача продолжува. Првиот фронт ги поразивме, сега треба да ги поразиме на вториот фронт. Нашата задача ќе биде да излеземе на улиците, да поразговараме со нашите соседи, пријатели,колеги, роднини и да ги поканиме да ги поканиме да ни се придружат во нашата борба за зачувување на Република Македонија. Затоашто на месеци од сега не чека денот кога ќе се соочиме со граѓаните и кога ВМРО-ДПМНЕ треба да ги обедини сите граѓани во Република Македонија под знамето на Република Македонија и со бајракот на ВМРО-ДПМНЕ на гради, а тоа ќе биде големата победа на предвремените парламентарни избори.
Наша задача ќе биде да појдеме не полињата со земјоделците, со сточарите да поразговараме. Наша задача ќе биде да појдеме и по здравствените установи да поразговараме со лекарите, со медицинскиот персонал. Да појдеме во училиштата, во универзитетите да поразговараме со студентите, со наставниците, со професорите и со персоналот таму. Наша задача ќе биде да поразговараме со бизнис заедницата, да го поминеме секој еден производен погон. Наша задача во периодот што следи е да поразговараме со младите, со пензионерите. Да поразговараме со секој еден граѓанин во Република Македонија, да ги послушаме, да не се срамиме да научиме нешто од нив., да видиме и да ги слушнеме нивните реални проблеми, не она блескаме на Зоран Заев
И врз основа на тие проблеми можеби ќе слушнеме некој укор, некоја критика за нашите грешки од минатото, не треба да се лутиме треба да сме достоинствени. Ако аргументите на соговорникот навистина имаат простор треба да ги прифатиме и да се извиниме онаму каде што сме погрешиле. Од сето тоа треба да подготвиме програма и решенија за тие проблеми на нашите сограѓани. Решавање на реалните проблеми на секој еден граѓанин. Таму каде што можеме да понудиме решение, тоа решение треба да го понудиме. Таму каде што не можеме, ќе кажеме ова јас не можам да го направам поради тие причини. Таму каде што можеме делумно, треба искрено да кажеме, оваа година не можеме, но догодина сигурно ќе го направиме.
Мораме искрено честито да разговараме со нашите сограѓани, да ја растераме онаа перцепција за нас политичарите дека овие дојдоа да лажат и да крадат после тоа. Да покажеме дека оваа генерација е поразлична. Дека ние си го сакаме нашето место во историјата и дека после нас генерациите што доаѓаат ќе кажат, во оваа генерација Македонија повторно се обнови, се разви и Македонија денеска е горда, достоинствена, европска, современа модерна држава.
Ова ни е потребно затоа што за месеци од сега кога ќе дојде денот, кога нашите сограѓани ќе треба да судат и да пресудуваат кој и што направил, кој што кажал да пресудат и да судат, за да победи ВМРО-ДПМЕ, да победи со резултат кој што нема да дозволи постизборен инженеринг. Победата е сигурна, но нас ни е важно натпреварот со постизборниот инженеринг. Само така можеме да бидеме сигурни дека нашата програма нашите принципи и она со кое што ќе излеземе пред граѓаните нашата честитост и збор ќе ги исполниме. Затоа ни се потребни сите, буквално сите. Затоа како што кажа Иван, да ги отвориме вратите на нашите месни комитети, да ги отвориме вратите во општинскиот комитет. Секој еден кој во минатото вложил и најмал атом од својата енергија и потрошил по некоја минута од своето време работејќи за ВМРО-ДПМНЕ, а така работел за Република Македонија да го поканиме, да не остане ниту еден кој што нема да биде непоканет.
Потоа е до нив, и до нивната свест, дали ќе застанат под знамето на Република Македонија и бајракот на гради на ВМРО-ДПМНЕ или пак ќе го продолжат политичкиот век на оваа политичка каста која што денеска пустоши и ќе продолжи да пустоши ширум нашата татковина. Тоа е до нив, а наше е да ја дадеме таа шанса.
Третата работа која што сакам да ја кажам и за која што сама да зборувам се оние новоразбудени удбашки инсталации кои што ширум Македонија во периодот кој што следува ќе се обидат да направат продор во десницата, ќе се обидат да го демотивираат и деморализираат патриотското десно гласачко тело. Сите тие удбаши се разоткриени и знаеме точно од чии рекетирани пари се платени. Точно знаеме кој е мотиваторот и инспираторот. И нека знаат дека ова ќе помине, а за неколку месеци од сега, ќе треба најрпвин да му се извинат на чесниот родољуб патриот Македонец, затоа што лажеле, а потоа ќе одговораат, од прв до последен.
Драги мои штипјани имаме само една земја, а таа земја не има само нас. Јас сум тука за да успееме во нашата мисија, да ја кренеме Македонија од пепелта и да ја обновиме. Ќе го поминам секој град и село, ќе ја поддадам раката кон секого без било каква наметлива ароганција. Ќе учи ВМРО-ДПМНЕ од секој од вас и потоа како што кажав заедно ќе понудиме решенија за проблемите кои го мачат овој народ. Имаме план, имаме сила, имаме мотивација за обновата којашто следи. Не чека многу работа, крвава работа .За да се случи ова мора да има парламентарни избори. Да ја поразиме оваа власт која е на колена, а јас стојам овде и ви ветувам дека ќе ја поразиме.Ви велам овде, ова лето господово во Штип пред вас дека оваа власт предводена од оваа криминална, измамничка, корумпирана политичка каста ќе биде жестоко поразена и испратена на маргините на политичката историја на Македонија.
Стани горда Македонијо, вашите срца кои треперат исто како и моето ќе ја донесат промената која сакате да ја видите. Ова е битката на мојата, ова е битката на вашата нова генерација која ќе се избори за победа, и ниту една битка во мојот живот не била лесна. Но, јас затоа влегов во оваа битка затоа што влогот е Македонија, а Македонија е моето и вашето се. И битката за Македонија е најтешката битка.