Амбасадорот на Обединетото Кралство во Косово Руаири О’Конел им порача денеска на косовските граѓани да ги игнорираат оние политичари кои се обидуваат да ја освојат власта на тој начин што го делат народот, јави дописникот на МИА од Приштина.
Покрај објавата дека денешниот ден е последниот од неговата служба во земјата, О’Конел нагласи дека во интерес на неговата земја е да види „едно силно, богато, безбедно Косово кое се грижи за своите проблем и кое самото се бори за решавање на заедничките проблеми.
– Што посилно е Косово, толку посигурна е Британија, напиша О’Конел на својата страница на Фејсбук.
Амбасадорот на Велика Британија предупредува на опасноста што на целиот регион му се заканува од меѓународниот криминал и ги повика граѓаните да соработуваат меѓу себе.
– Криминалците сега веќе тесно соработуваат во целиот регион. Обичните и чесни граѓани треба да најдат начин да соработуваат подобро од криминалците. Игнорирајте ги тие што се трудат да ја освојат власта на тој начин што ве делат. Користењето на пластичниот патриотизам е најстариот начин за одвлекување на вниманието од сопствените недостатоци, напиша О’Конел.
Тој наведе дека од разговорите со заедниците во цело Косово заклучил дека мнозинството од граѓаните ги сакаат истите работи.
– Фактот дека толку многу млади Албанци и Срби сега го учат јазикот на другиот, кажува дека новите поколенија не го заборавиле минатото, но сакаат да градат една друга иднина, порача О’Конел.
Осврнувајќи се на вонредните избори, кои ќе се одржат на 6 октомври, британскиот амбасадор оцени дека тие се реална можност за Косово при тоа нагласувајќи дека нема да им каже за кого да гласаат, им порача на Косовците дека тие самите, а не тој, ќе ги сносат последиците од нивниот избор.
– Гласајте за кого што мислите дека има најдобра визија за Косово и ќе го води Косово најдобро. Изборот е ваш и можете и треба да го искористите слободно. Вие живеете во демократија; вашите претставници и лидери ќе ви одговорат само ако од нив барате отчет. Тоа е исто во секоја демократија, напиша О’Конел.