Актерот Џереми Ренер имаше несреќа чистејќи го снегот на 1 јануари, по што итно беше префрлен во болница во Рено, Невада, а сега им се обрати на своите фанови со објава на „Инстаграм“.
„Ви благодарам за убавите зборови. Во моментов не сум во можност за типкање, но на сите ви испраќам љубов“, напиша актерот покрај фотографијата направена во болнички кревет, а многу колеги како Крис Хемсворт, Кејт Бекинсејл, Кејт Хадсон и Крис Еванс во коментарите му посакаа брзо закрепнување.
Актерот, кој беше во критична состојба по несреќата, сега бил подложен на две операции во кои хирурзите му ставија метални игли околу ногата. Сега е буден и зборува.
Тој бил повреден кога му помагал на еден сосед да го извлече автомобилот од речиси еден метар свеж снег. Додека разговарале, чистачот за снег почнал да се движи празен.
„Ренер се обидел да се врати на совозачкото место за да го запре чистачот, кога екстремно големото парче опрема го прегазило. Ова е трагична несреќа. Ренер е одличен сосед и секогаш го користи својот чистач за да ги исчисти локалните улици“, изјави шерифот на округот Воши, Дарин Балам.
Извор близок до актерот открил за Си-ен-ен дека актерот досега имал две операции и дека повредите се сериозни.