Лажни и апсолутно неточни се податоците со кои се обидувате да ги манипулирате граѓаните за финансиската состојба на државата, буџетот е во одлична кондииција, а солвентноста огромна, им рече премиерот Зоран Заев на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во текот на денешното продолжение на расправата за избор на новите министри и заменици-министри.
Оваа Влада, нагласи Заев, вложува во инфраструктура, гради патишта од преку 500 километри вредни над 500 милиони евра насекаде низ државата, гради железници и гасоводи, а не музеи и споменици како што правеше ВМРО-ДПМНЕ.
-За какви лажни надежи што им ги даваме на граѓаните зборувате, кога по само две години ја стабилзиравме економската состојба. Платите во јавната администрација растат, го подмиривме долгот што го направивте кон земјоделците, има средства за интервентни фондови… Како е сé тоа можно и од каде пари ако е лоша финансиската ситуација на државата или ако земјава не е финансиски стабилна? Состојбата не само што е добра, туку и ќе продолжи да се зајакнува, подвлече премиерот.
Додаде и дека новата министерка за финансии со своите менаџерски способности допонително ќе придонесе да се искорсти овој, како што рече, многу битен период за нас и ќе помогне во максимизирањето на ефектите, пред се за граѓаните.
Во врска со владеењето на правото, напомена дека тоа е еден од најважните услови за привлекување странски инвестиции.
-Последните три години владеењето на правото е многу подобрено, но треба уште многу на тоа да се работи. Денес има транспарентни процеси за кои јавноста зборува, се отвораат постапки, новинарите ги следат во судница, рече премиерот.
Расправата што почна вчера, и претпладнево продолжи со препукувања меѓу пратениците од власта и опозијата.
Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ им предочи на колегите од СДСМ и коалицијата дека го поминале мандатот и останале во матрицата „што направи ВМРО-ДПМНЕ”, наместо да се соочат со реалноста и да почнат да работат.
-Никако да сфатите дека сте на власт трета година и за секој неуспех ја обвинувате ВМРО-ДПМНЕ. Затоа ви порачувам да живеете во сегашноста и да се фатите за работа, рече Пешевска, а во врска со новата министерка за финансии Ангеловска оцени дека е веројатно преамбициозна штом прифатила да биде на оваа функција во ова време.
Според пратеникот Самка Ибраимовски, буџетот работи како швајцарски часовник, сите давачки се исплаќаат на време. ВМРО-ДПМНЕ, нагласи Ибраимовски, дебатира со податоци прочитани од страницата на Министерството за финансии, што само покажува колку е власта транспарентна.
-Прочитавте се што има на страницата на Министерството за финансии, а тоа значи дека државата работи транспарентно. Срамно е да кажувате дека државата е заглавена, а буџетот никаков кога знаете дека ништо не може да се работи без пари. На говорница не се добиваат поени, народот не заборава какви криминали направи вашата партија. Од говорница не се добиваат поени. Уште најмалку осум години ќе седите во опозиција и ќе читате од веб страниците на министерствата, зашто се е транспарентно и тоа е всушност разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицјата на СДСМ, истакна Ибраимовски.