Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, денеска на почетокот од 14-от Бледски Стратешки Форум оствари билатерална средба со домаќинот Миро Церар, министер за надворешни работи на Република Словенија, на која беа потврдени традиционално блиските и пријателски односи меѓу двете земји.
На средбата, министерот Димитров детално го информираше својот словенечки колега за изгледите и перспективите на евроинтегративните процеси на Северна Македонија, во светло на добивање позитивна одлука на Советот на ЕУ, во октомври о.г. Во тој контекст, МНР Димитров истакна: „Конзистентната поддршка од Словенија и соработката на овој план е симбол на искрено пријателство и споделена европска визија. Словенечката приказна за европскиот успех е пример за целокупниот процес на проширување. Словенија беше првенец во тој контекст и инспирација за нас да целиме повисоко за да ги постигнеме нашите европски идеали. Благодарен сум и особено ја цениме вашата постојана поддршка и пријателство.”
Беа разменети мислења и за актуелните политички случувања во земјата, за важноста од владеење на правото како гаранција за сигурноста на демократскиот пат, особено за земји како Северна Македонија и Словенија. Во таа смисла, министрите Димитров и Церар се согласија декаевропскиот наратив за малите земји е нашата перспектива. Владеењето на правото и почитувањето на правниот поредок е нашата заштита во процесот на забрзана интеграција. Тие исто така се договорија за продолжување на поддршката и блиската, пријателска комуникација во сите сфери на заедничка соработка. На маргините на Форумот, МНР Димитров денеска ќе се сретне со Метју Палмер, специјален пратеник на САД за Балканот и со генералниот директор за политички прашања во британскиот Форин Офис, Ричард Мур.Утре (вторник, 3 септември 2019 год.), МНР Димитров ќе се обрати на панелот насловен „Западен Балкан – европеизација, демократизација, споделена одговорност”, на кој ќе се осврне на европските перспективи на Република Северна Македонија.
Овогодинешното мото на Форумот гласи „Ресурси/извори на (не)стабилност”/(Re)sources of (in)stability, а дискусиите се посветени на улогата на ресурсите/изворите во контекст на мирот и безбедноста, одржливиот развој и економскиот напредок.