Нова смарт-табла на почетокот на учебната година е веќе вклучена во наставнот процес во средното економско училиште во Битола. Се очекува оваа донација од Општина Битола да го подобри квалитетот на изведување настава на стручните предмети.
„Голема благодарност до градоначалничката Петровска и до Општина Битола, затоа што во кабинетот по сметководство и практична настава ни е доделена смарт-табла за изведување на наставата по сметководство и пракса. Заедно со донацијата од Светска банка и потпомогнато од Министерството за образование и наука, доделени ни се 10 компјутери, коишто ќе бидат со софтверска програма, преку која учениците ќе го избегнат класичниот начин на пишување. Учениците ќе можат да ги користат најновите сметководствени програми, инсталирани за изработка на најнеопходните програми за практична работа по предметите од сметководство и практична настава. Се надевам дека соработката ќе продолжи и понатаму и ќе можеме да опремиме повеќе училници во нашето училиште“, рече Александар Цветковски, директор на средното економско училиште „Јане Сандански“.
Градоначалничката Петровска повторно ја потенцираше заложбата дека постојано мора да се вложува во образованието и да се подобруваат условите за работа во сите образовни установи во градот.
„Сметам дека смарт-табла е особено потребна во ова училиште затоа што самата структура на предмети што ги изучуваат децата бара користење на вакво помагало, кое ќе им ја олесни работата и на наставниот кадар, но и на учениците. Во оваа насока Општина Битола ќе продолжи да ги поддржува училиштата, со ребаланс на буџетот ќе бидат издвоени средства за набавка на смарт-табли во сите образовни институции, затоа што мора да се следат современите текови на работа. Оваа учебна година ја започнуваме и со многу подобрена финансиска состојба на училиштата, а истовремено и со повеќе нагледни средства во образовните институции“, посочи Петровска.