(Видео) Ураганот Доријан ги опустоши Бахамите, најмалку пет загинати

Најмалку пет лица загинале на островите Абако во ударот на ураганот Доријан, соопшти премиерот на Бахамите, Хуберт Минис. Разорниот ураган, окарактеризиран како најсилниот досега што ги погодил Бахамите, донел ветер со брзина од околу 205 километри на час, а останал на Бахамите 40 часа.

Доријан во меѓувреме ослабна до категорија четири, но во следните денови и натаму ќе биде многу силен, a се движи кон Флорида, САД.

„Се наоѓаме среде историска трагедија“, рекол Минис.

Според податоците на Американскиот Центар за урагани,  Доријан е најсилниот ураган што некогаш ги погодил Бахамите.

Жителите сè уште се наоѓаат во засолништата, без електрична енергија. Ураганот предизвикал огромна штета во некои делови на Бахамите каде се уништени куќи и поплавени цели населби.

Доријан сега се движи кон брегот на САД. Националниот центар за урагани со седиште во Мајами ги предупреди жителите на Флорида да не ги напуштаат засолништата додека не помине ураганот.

Во девет окрузи на Флорида е наредена задолжителна евакуација. Откажани се летовите, а бензинските станици и продавниците се затворени.

Научниците предупредуваат дека климатските промени влијаат на интензитетот на ураганот затоа што со затоплување на океанот и на површината на водата, бурите добиваат поголема енергија, што може да доведе до пообилни врнежи од дожд и посилен ветер.

Треба да знаете
Последни објави