Жените во градежништвото и шумарството се многу малку застапени бидејќи се уште се смета дека овие две професии се машки. Најчесто работат како инженери, техничари или како административци во фирмите. Поради тоа многу малку се застапени и на раководни функции во фирмите и во синдикалните организации.
Синдикатите и невладините организации сметаат дека е потребна квалитетна едукација со цел тие да се охрабрат и да почнат поинтензивно да работат во овие сектори.
– Во нашата земја, жената многу малку е застапена во градежништвото и шумарството. И покрај сите напори и едукации што ги имаме, сепак жените се плашат да застанат на лидерски позиции во синдикатот и во градежништвото, но мислам дека со обуки жените ќе го најдат вистинското место бидејќи се подобри лидери од мажите. Процентот на застапеност на жените во овие два сектора е под пет проценти, вели Ивана Димитрова од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП).
Според неа, во градежништвото недостига квалитетна работна сила и време е жените квалитетно да се едуцираат за да застанат на лидерски позиции бидејќи градежништвото повеќе не е само машка професија.
– Под еден процент жените се застапени на раководни функции во градежништвото и шумарството бидејќи кај нас се уште овие две професии се сметаат за машки. Меѓутоа се повеќе во последните 10 години жените се охрабруваат да застанат на лидерски позиции и сметам дека тоа за кратко време ќе се промени, нагласи Димитрова, пред денешниот форум посветен на статусот на жените работнички во државава.
На глобално ниво ситуацијата не е поразлична, но има држави како што се Индија и Непал каде поголем број жени работат во градежништвото и дрвната индустрија и се повеќе застануваат на лидерски позиции во синдикатите.
– Веќе се години се заложуваме што поголем број жени да доведеме на раководни позиции. Во оваа област постигнавме успех. На последниот конгрес одржан пред дев години супеавме да доведем 30 проценти жени на раководни функции, изјави Рита Шиави, претседавачка на меѓународниот комитет за жени на Светската федерација на синдикати од градежната и шумарската индустрија.
На форумот во Скопје што го организира фондацијата „Фридрих Еберт” присуствуваат жени лидерки од Панама, Непал, Бразил, Аргентина, Египет, Катар, Замбија, Либан, Малезија и многу други држави кои ќе ги споделат своите искуства со жените од државава кои работат во овие сектори.