Зоран Заев и Нина Ангеловска со ребалансот предлагаат популистички буџет, во кој се крати од развојните проекти, како капиталните инвестиции за да има пари за популистички мерки, кои имаат краткотраен ефект, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ како реакција на попладневната прес-конференција на која премиерот и новата министерка за финансии го образложија изгласаниот ребаланс на Буџетот.
Според ВМРО-ДПМНЕ, планот на Заев е префрлање на пари во непродуктивни трошоци за да го минимизира незадоволството од, како што велат, расипништвото и корупцијата на неговиот кабинет.
„Колкави се дупките во економијата кои ќе се отворат на ваков начин, Заев не го интересира бидејќи знае дека е соочен со пораз на изборите“, се нагласува во партиската реакција.
Во неа се додава дека македонската економија блеска само во главата на премиерот Зоран Заев.
„Во реалноста имаме 2,5% помалку работници во индустријата во јули годинава, во однос на јули лани, односно на 100.000 работници лани, а сега имаме 2.500 помалку. Во исто време додека Заев продава ветар и магла, реалниот БДП во однос последен квартал 2018 со прв квартал од 2019 година е паднат за 211 милиони евра“, посочуваат од опозициската парија.
Од таму сметаат дека економската политика на власта е во целост промашена и дека било каков ребаланс нема да ја спаси Владата.