Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска ги повика радиодифузерите повторно на своите програми да ги емитуваат спотовите од кампањата „Сексизмот понижува”, достапни на Јутјуб каналот на Агенцијата, со цел натамошно подигнување на свеста за важноста на отстранувањето на родовите стереотипи и сексизмот од медиумското известување.
Увидот што го направи АВМУ во начинот на кој националните телевизии, во вчерашните централни вести, известиле за сексистичката и омаловажувачката изјава на портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ Наум Стоилковски кон министерката за финансии Нина Ангеловска, покажал дека четири од националните телевизии известиле за настанот, а останатите донеле уредничка одлука воопшто да не информираат.
Како што соопшти АВМУ, три телевизии зазеле критичка позиција, пренеле ставови на што повеќе релевантни извори и ставиле акцент врз осудата на изјавата. Јавниот радиодифузен сервис, на МРТ1 само ги пренесе реакцијата на СДСМ и извинувањето од портпаролот, оставајќи ги гледачите без основната информација за тоа кој е настанот на кој се однесуваат реакциите и дека сексизмот не е прифатлив начин на комуницирање. На МРТ2, немаше информација во вестите на ниту една од редакциите, информира АВМУ.
Регулаторното тело укажува дека медиумите се независни во креирање на уредувачката политика, меѓутоа треба да имаат предвид дека согласно со Законот за еднакви можности на жените и мажите имаат обврска да „придонесуваат за развивањето и подигањето на свеста за еднаквите можности”. За очекување е, посочуваат, ваквата своја улога да ја остварат преку критичко известување за настан којшто, според професионалните новинарски стандарди и параметри, претставува „вест” и заслужува место во дневноинформативните емисии.