Во врска со фејсбук-објавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски која содржеше навредливи зборови кон новата министерката за финансии, Нина Ангеловска од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) велат дека само четири од националните телевизии известиле за настанот, додека останатите донеле уредничка одлука воопшто да не информираат за истиот.
„Три телевизии зазедоа критичка позиција, пренесоа ставови на што повеќе релевантни извори и ставија акцент врз осудата на изјавата. Јавниот радиодифузен сервис, на МРТ1 само ги пренесе реакцијата на СДСМ и извинувањето од портпаролот, оставајќи ги гледачите без основната информација за тоа кој е настанот на кој се однесуваат реакциите и дека сексизмот не е прифатлив начин на комуницирање“, се наведува во соопштението на АВМУ.
Во него се додава дека на МРТ2, немало информација во вестите на ниту една од редакциите.
„Медиумите се независни во креирањето на својата уредувачка политика, меѓутоа треба да имаат предвид дека согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите имаат обврска да придонесуваат за развивањето и подигањето на свеста за еднаквите можности“, потсетуваат од Агенцијата.