Министерот Исмаили ја посети НУ Музеј Куманово

Министерот за култура Хусни Исмаили, кој престојуваше во работна посета на НУ Музеј Куманово, заедно со директорот на оваа институција ја посети Куќата музеј на народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош.

За време на посетата, Исмаили се запозна со текот на активностите за реновирање на овој значаен споменик на културата.

„Годинава Музејот од Куманово ја започна реализацијата на проектот за реновирање на објектот, и тоа: партерно уредување, санација на покривот, поставување нова инсталација, бојадисување на надворешната столарија и фасада. По завршувањето на сите активности, планирана е и изработка на нова постојана поставка со која преку фотографии, документи, изданија, предмети, оружје, уметнички фотографии и филм за Карпош, посетителите ќе може да се запознаат со ликот и делото на народниот херој“, истакна министерот за култура Исмаили.

Претходно, министерот за култура ја посети Националната установа Музеј Куманово каде што имаше можност да се запознае со активностите што ги спроведува оваа музејска установа со поддршка од Министерството за култура, а ја разгледа и постојаната музејска поставка во чии рамки се поставени експонати од археолошкото, историското и етнолошкото одделение.

 

Треба да знаете
Последни објави