Еуфорија во Аеродром: МЗТ го победи Широки и по четири години се враќа во АБА1-лигата

Кошаркарите на МЗТ Скопје со вечерашната победа против Широки (75-71) се пласираа во финалето од АБА2-лигата, каде што в недела ќе се сретнат со Златибор (19 часот), но што е поважно обезбедија враќање во друштво на најдобрите екипи од регионот.

Фактот што Србија го има исполнето максималниот број учесници во АБА (пет), финалниот ривал на аеродромци не може директно да влезе во јадранската елита, поради што тимот од „Јане Сандански“ уште вечерва ќе го слави исполнувањето на главната цел оваа сезона. Тоа беше тврд и до крај неизвесен меч, во кој сино-белите заслужено дојдоа до триумф.

„Металците“ можеа многу полесно да триумфираат, со оглед што во третиот период имаа и плус 13 (54-41), но потоа влегоа во серија грешки што противникот го искористи да се врати во игра за некакво изненадување. Широки неколку пати беше на една топка до пресврт, но во секој од таквите моменти одбраната на домашните беше бетонски цврста. Во финишот се влезе пенал-завршница, во која искусниот тим од Аеродром ја задржа предноста, за огромна радост по последниот звук на сирената.

Дамјан Стојановски беше најзаслужен што МЗТ Скопје го издржа последниот притисок на босанскиот претставник, со постигнати 17 поени од кои половина во последната четвртина. Зад него беа Хуан Дејвис со 14 поени и Роберт Рикиќ со 10 поени. Јосип Билиновац со 20 поени беше најпрецизен кај Широки. Поранешниот „металец“ Иве Иванов беше трагичар во својата екипа, бидејќи промаши чист зицер за изедначување, на среќа на скоро 4.000 навивачи во салата.

За аеродромци ова е враќање во елитата по пауза од четири години, со оглед што последен пат беа дел од јадранската елита во сезоната 2017/18.

Треба да знаете
Последни објави