Невладини организации загрижени за заштитата на природата

Загриженост во однос на заштитата на природата и управување на заштитените подрачја, УНЕСКО и Охридското езеро, и хидроенергетските проекти изнесоа денеска претставниците на граѓанските организации на работната средба со првите луѓе од Министерството за животна средина во Скопје.

Како што се наведува во соопштението на МЖСП, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, заменик министерот Јани Макрадули и државниот секретар Ана Петровска, отвориле дискусија за сите прашања поврзани со областа животна средина.

На средбата, посочуваат од Министерството, биле нагласени и проблемите по однос на аерозагадувањето, мерните станици и акредитацијата на централната лабораторија, климатските промени, индустриското загадување, управувањето со отпад и инспекцискиот надзор.

Како што информираат од Министерството, голем акцент во дискусијата и се даде на транспарентноста, значајот на достапноста на податоците, изработката на извештаи и подобрување на легислативата.

– Апелираме на тесна и конструктивна соработка со сите главни чинители во сферата на заштита на животната средина, и понатаму охрабруваме на конструктивни критики насочени кон нашата работа кои засигурно ќе ни служат како патоказ за подобрување на истата, се вели во соопштението на МЖСП.

Оттаму посочуваат дека се залагаат за транспрентност и инклузивност при донесување на одлуки и со задоволство прифаќаме споделување на нови идеи со цел на подобрување на животната средина како целина.

Треба да знаете
Последни објави