На повеќе спортски локации во Крива Паланка, од денеска до недела, ќе се реализира отворен камп за млади од руралните средини во реонот на општината на тема „Спорт за сите-Спорт за развој”.
Првиот ден од кампот, на кој учествуваа четириесетина деца од подрачните училишта „Јоаким Крчовски” и „Илинден” и ученици кои престојуваат во интернатот „Боро Менков”, беше наменет за социјална инклузија и постигнување родова еднаквост преку пинг-понг, а го реализираа интернационалните инструктори за спорт за развој, Кеида Уштеленца од Универзитетот за спорт во Тирана и Надица Јовановиќ од ТАКТ, Скопје, заедно со менторот Мартин Стаменковски од пинг-понгарски клуб „Крива Паланка 2007″.
– Кампот започна со вежби за загревање и вовед во денешната тема, социјална инклузија и родова еднаквост преку спорт, пинг-понг, за која дечињата учеа низ разни игри од спорт за сите, низ дружење и заеднички активности, низ показни примери и едукација од страна на инструкторите, согледувајќи ја важноста од почитување на различностите, прифаќање на другите, важноста на спортот и играта за правилен развој, истакна Магдалена Спасовска, извршна директорка на Здружението за унапредување на меѓусебна доверба,ТАКТ.
Секој од учесниците имаше можност да проследи и да учествува во пинг-понг тренинг, со кој раководеше менторот, прволигашки натпреварувач и тренер, Мартин Стаменковски.
Активностите се реализираа во салата на ООУ „Јоаким Крчовски”, зграда Партизан, а утре и во недела кампот продолжува во спортската сала „Бранители 2001″ и на градскиот стадион во Крива Паланка.
– Во наредните денови ќе работиме со тренери и ментори од локалното партнерство, кои преку ракомет и фудбал низ разни игри од спорт за сите, заедно со Кеида и Надица ќе ги опфатат темите: градење мир и другарство и здрави навики – здраво живеење, а целта на секоја од игрите и активностите ќе биде дефинирана и дискутирана со завршни рефлексии од обучувачите, додаде Спасовска.
Упати благодарност до раководителите на основните училишта и јавното претпријатие „Комуналец”, како и до локалната самоуправа за овозможените услови за реализација на кампот.